Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева отворила боледување во вторникот, изјавија од СЈО за „А1 он“. Оттаму велат дека не знаат до кога ќе биде активно боледувањето, односно дека ова е единствена официјална информација што ја имаат. За боледувањето не беа известени нејзините колеги, кои и вчера велеа дека немаат контакт со Јанева и не знаат каде е. Шефицата во оставка денес го доставила боледувањето до правната служба на обвинителството.
Боледувањето е отворено еден ден откако Јанева даде оставка од позицијата шефица на СЈО, а истиот ден е уапсен и Бојан Јовановски, познат како Боки 13.
Обвинителството за организиран криминал ја поврзува Јанева со предметот за изнуда на рекет, при што осомничени се Боки 13 и Зоран Милески, познат како Зоки Кичеец. Обвинителството ѝ го одзеде и телефонот на Јанева, кој ќе биде даден на вештачење.
Во понеделникот обвинителката Русковска изјави дека Боки 13 го користел своето влијание врз јавен обвинител за да му олесни положба на едно осомничено лице во постапка што се водела против него. Вечерта Обвинителството за организиран криминал ѝ го одзеде телефонот на Катица Јанева. Истрагата за која се водела трговијата со влијание во новата истрага што ја обелодни Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е „Империја“, што СЈО ја отвори на 9 ноември 2018 година.