На продолжението од судењето за предметот на специјалното јавно обвинителство, познат под кодното име „Титаник“, во доказната постапка се репродуцираат необјавени бомби во судницата.
Во неколку од нив, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески врти по партиски активисти и соработници за да најдат итно противкандидати за градоначалници во неколку општини. „Најди некој со сила од Унија на жени, некој непознат, од УМС… Ни кампања ќе има, ни бутур“, вели Јанакиески.
Во друг разговор од 16 февруари 2013 година, Јанакиески му вели на соговорник, да му најде итно, за 5 минути противкандидат. На Славе Гошев, експратеникот од ВМРО-ДПМНЕ од Струмица, му вели: „Дајте еден противкандидат. Пушти и паричка“.
На тоа Гошев со смеење му одговара „Ќе му дадам 2000 евра“. Во следниот разговор од истиот ден, Гошев му вели на Јанакиески дека успеал да најде само еден: „Не се нафаќат. Пари давам не се нафаќат. Еден потпиша, уште еден“. Јанакиски на Гошев му дава насоки тие што ќе ги најде да ѝ се јави и да ѝ ги каже на Марија Андоновска.
„Ми треба втор кандидат за човек од Градско“, вели во друг разговор истиот ден, поранешниот министер.
Јанакиески во бомбите вели дека ако нема 50 отсто излезност, ќе се повторат изборите.