Елаборати за спомениците на Андон Јанев Ќосето кај комплексот судови и за спомениците на Мајка Тераза и Воин на коњ на плоштадот Македонија биле доставени до министерството за култура од работната група.
Се очекува тие да бидат проследени до Владата која што ќе донесе одлука што понатаму.
– Во овој момент работната група работи, дел од елаборатите се подготвени и ги разгледуваме надлежностите кои институции на локално или централно ниво треба да преземе, изјави министерот за култура Роберт Алаѓозовски, додавајќи дека процедурите се толку згрешени што е сложено и отплеткувањето кој е надлежен да преземе активности во однос на овие објекти поставени во главниот град.
Според министерот културното наследство не било соодветно третирано и било злоупотребувано, така што многу актуелни градби, како и склуптурната композиција со наслов Мајка Тереза било погрешно финансирана од програмата за културно наследство.
– Ние ќе го заштитиме вистинско културно наследство. Обезбедивме средства за Трескавец, обезбедивме за Офицерскиот дом, ќе обезбедиме средства и за нашето најзагрозено културно наследство. Во таа смисла, „Скопје 2014“ е проект кој нема да дозволиме понатаму да се одвива или да ни влече финансиски средства, рече Алаѓозовски.