Судскиот совет попладнево информира дека претседателот на Основниот кривичен суд во Скопје, Иван Џолев, доставил допис, со кој, бара од нив на две судии-поротнички кои се во судечките совети во предметите „ТНТ“, „Топлик“, „Тендери“, „Талир“, „Монструм“ и „Титаник“ да им биде продолжен мандатот.
Советот информира дека во согласност со Законот за судовите предвидено е дека на поротник му престанува функцијата со навршување 60 години и дека според Законот за Судскиот совет, Советот го констатира престанокот со решение на првата наредна седница.
„Судскиот совет одржа работен состанок и имајќи ги предвид наведените законски одредби донесе заклучок согласно кој престанок на функцијата судија поротник на наведените судии поротници во Основниот кривичен суд Скопје ќе констатира на првата наредна седница“, соопштија од таму.
Како што објави „А1он“, пет судења на специјалното јавно обвинителство кои се водат пред Кривичниот суд ќе мора да почнат од почеток бидејќи мандатот на поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска, која Судскиот совет на оваа фунцкија ја избра на 24 декември 2015 година ѝ истекува, утре, вторник, 24 декември.
Таа пак, поради навршување 60 години, не може повторно да биде избрана за судија-поротник, а тоа значи дека штом Судскиот совет ќе ѝ констатира престанок на функцијата, извесно е оти овие предмети ќе почнат одново.
Првпат за возраста на поротничката Кочковска спомна пратеникот Илија Диимовски во предметот „Талир“. Тој пред судот рече дека според Законот за судови, на две поротнички им истекол мандатот поради наполнети 60 години и заради економичност на постапката побара одлагање на судењето за да се надмине ситуацијата.
Ова значи дека судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани „купија“ уште некој ден за пресуда во предметот „ТНТ“, во кој е и поротничката. Во предметот кој се влечеше две години, одбрана даваат обвинетите, а изминатите две рочишта трае по повеќе од осум часа.
За нерамномерноста меѓу возраста на судење меѓу судиите и поротниците се произнел и Уставниот суд во 2007 година на иницијатива на сега покојниот, Стамен Филипов. Уставниот суд проценил дека судиите имаат засновано работен однос и посебни права и обврски, за разлика од поротниците и од тука ја отфрлил иницијативата на Филипов, според која, на судиите и поротниците во различно време им истекува мандатот.
Во овие предмети нема резервни судии. Од нов почеток се спаси само предметот „Титаник“ на СЈО, каде поротничката ќе ја замени резервен судија-поротник.