Новинарката Ивона Талевска денеска во судот призна вина за случајот „Тифани“, што Специјалното јавно обвинителство го покрена против неа.
Обвинителката Елена Јосифовска, пред судијката Софија Лаличиќ го презентираше обвинителниот акт, барајќи ослободителна пресуда и плаќање на избегнатите обврски. По презентирањето, судијката даде пауза, бидејќи претставникот на Државното правообвинителство Зоран Петковски не беше во можност да се произнесе за висината на штетата.
Рече дека го добил обвинението од СЈО на 15-ти февруари и го доставил до УЈП, но оттаму не добил одговор до крајот на минатата недела.
Според обвинението, Ивона Талевска како сопственик и управител на „Смарт центар“ ДООЕЛ експорт-импорт – Скопје и агенцијата „Смарт“ во периодот од 2008 до 2014 со намера таа и правните лица да избегнат плаќање даноци давала лажни податоци за фактите што се однесуваат за пресметување данок.
Таа за наводните потреби на фирмите купила долна облека од 500 евра, облека во износ од 33.508 евра, очила, шминки за 1009 евра, луксузен мебел, сигурносни врати, велосипеди и слично. Фирмите на Талевска не платиле даночни обврски во износ од 37.634 евра, а обвинетата не платила данок во износ од 16.924 евра.