Инспекцијата од Центар не направила увид кај „Холидеј ин“ оти нема жалба, ниту поплака за новата дваесеткатница

Од:

Во Општина Центар не се водат никакви постапки за новата дваесеткатница кај „Холидеј ин“ наспроти многубројните реакции на граѓаните и граѓанските здруженија, кои повеќепати јавно кажаа дека се против новата градба. Граѓанските здруженија „Зелен хуман град“ и „Шанса за Центар“ и преку протест пред Јавното обвинителство побараа институциите да не дозволат да се реализира план што не е усогласен со ГУП, но и покрај тоа, во општинската администрација, по издавањето на одобрението за градење, нема никаков предмет за овој случај.

Во моментот нема активна постапка пред Општина Центар – Скопје за предметната локација за кое било од телата што има ингеренција за постапување, велат од Општина Центар

„Секторот за инспекциски работи на Општина Центар нема извршено увид на самото место затоа што до нив досега не е пристигната ниедна жалба или поплака. Во моментот нема активна постапка пред Општина Центар – Скопје за предметната локација за кое било од телата што има ингеренција за постапување, односно градоначалникот, Советот на Општината, Комисијата за урбанизам и Секторот за урбанизам. Доколку некој инспекциски орган донесе решение, Општината ќе постапува во согласност со тоа решение и општите законски одредби“, велат од Општина Центар.

Ваков е ставот на Општината и по добиеното известување од Државниот градежен инспекторат, кој им посочи дека треба да ја сопрат градбата по многуте забелешки за овој случај за издаденото одобрение за градење и за усогласеноста на детаљниот план со Генералниот урбанистички план за Скопје сѐ додека не се изјаснат градоначалникот, Секторот за урбанизам, Комисијата за урбанизам и Советот на Општината. Тие го разгледале случајот, кој не е во нивна надлежност, туку во надлежност на општинската градежна инспекција, поради многубројните претставки од граѓани, здруженија, но и од Инспекцискиот совет.

„МГ фешн“ веќе го огради просторот и почна со подготовки за градбата

Ставот на новиот градоначалник на општина Центар, Горан Герасимовски, е дека за дваесеткатницата нема неусогласенсти.
„Објектот за кој е издадено одобрение за градење е во дел од планот што не е неусогласен со важечкиот ГУП. Притоа напомнуваме дека важечкиот ДУП е донесен во согласност со ГУП-от 2002 – 2012“, велат од Кабинетот на градоначалникот на општина Центар.

Драгана Велковска од „Зелен хуман град“ на протестот пред Јавното обвинителство објасни дека планот што предвидува шеесеткатници на местото каде што сега се гради дваесеткатницата, по кој е издадено одобрението за градење, ја зголемува густината на населението девет пати и токму поради тоа не смее да се применува.

Освен објаснување дека се работи на предметот, нема поместување ниту во Јавното обвинителство, каде што Државната комисија за спречување корупција иницира постапка за барање одговорност од поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, од раководителите на секторите за урбанизам во Центар, во Министерство за транспорт и врски и во Град Скопје и од двајца планери на „Билд“ оти сите учествувале во подготвување и одобрување на планот што не е во согласност со ГУП, но сепак бил изработен и усвоен.

Парлелно со постапката во Јвното обвинителство, на терен инсветиторот „МГ фешн“ веќе го огради просторот и почна со подготовки за градбата. Постојано ги повикува сопствениците на имот во Ново Маало да дојдат кај него да се договорат за обесштетување и најавува парк голем колку плоштадот Македонија околу трите нови висококатници.

Би можело да ве интересира

Државата троши над 20 милиони евра за нафта и мазут: Мапирани 700 јавни објекти загадувачи низ Македонија

A1on

Шанса за Центар: Како одиме кон „бетонизација“ наместо урбанизација на „Треска“

Ана Ололовска

Шанса за Центар: Над 100 јавни објекти во Скопје се греат на нафта за домаќинство и мазут

Ана Ололовска

Во последните пет години незаконски биле единствено мораториумите за градење, реагираат од Центар по обвинувањата за новата единаесеткатница

Маја Илиевска-Пачемска

Герасимовски издаде одобрение за нова единаесеткатница кај „Холидеј ин“; „Шанса за Центар“ го потсети дека планот е незаконски

Маја Илиевска-Пачемска

Министерот Бочварски далеку од очите на јавноста донесе незаконски и противуставни измени на Правилникот за урбанистичко планирање тврдат независните граѓански иницијативи