Идри Истрефи од струшкото село Велешта е кандидатот за градоначалник на Струга на Алијанса за Албанците и Алтернатива. Тој е избран едногласно од огранокот на партијата Алијанса за Албанците во Струга. По професија е електроинженер, а вработен е во ЕЛЕМ. Според неговата биографија, Истрефи е член на Централниот одбор на Алијанса на Албанците, а има работено и на повеќе други функции во партијата. Од 1996 до 2005 година, односно девет години, бил и претседател на Советот на Општина Велешта. Неофицијално, според извори на „А1он“, тој ќе биде поддржан и од ВМРО-ДПМНЕ, иако коалицијата засега не е официјализирана.
За разлика од Истрефи кој е првпат кандидат за градоначалник, негов противник ќе биде актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко како кандидата на ДУИ. Партијата на Мерко очекува тој да биде победник и да го добие четвртиот мандаат во градот. Кривичните пријави против Мерко, но и неговото постапување спротивно на заложбите на Владата, со неспроведување на законите, не беа пречка за тој одново да биде кандидат. „А1он“ во серијалот „Досие: Мерко“ досега објави дека за три мандати, против струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, биле поднесени 14 кривични пријави. Кривичните пријави ги добил додека ја извршувал функцијата.
Во вториот дел од истражувањето на „А1он“, објавивме дека Струга има 329 дивоградби за кои општинските градежни инспектори имаат изготвено активни решенија за уривање. Ниту еден од овие објекти не може да биде легализиран, бидејќи се изградени по 2011 година. Од нив, 44 објекти се на крајбрежниот заштитен појас. Општината има и 4.040 дивоградби кои треба да се отстранат бидејќи барањата за легализирање им се одбиени. Наспроти овие податоци, Мерко во неколку наврати уверуваше дека во Струга нема дивоградби. Во третиот дел објавивме без дозвола и потребни документи, градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, урива и преградува, односно реновира објект што е прогласен за значајно културно наследство. Сето тоа без конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство. Во зградата на поранешното училиште планира да ја пресели општинската администрација сосе него, иако за ова нема одлука од Советот на Општина Струга.