Судскиот претседател Лазар Нанев кој навиваше на трибини со министерот за правда Никола Тупанчески и обвинителката Фатиме Фетаи, не го платил превозот до Италија и влезницата за натпреварот. Ова го констатира и Судскиот совет, каде заврши проверката за неговата етичност. И покрај ова, судијата Нанев нема да сноси одговорност. Судскиот совет тврди дека тој не прекршил ниту една етичка норма.
„Судскиот совет утврди дека не постои судир на интереси, дека не е оштетен судскиот буџет и дека судијата не ја злоупотребил својата функција. Судскиот совет при проверка на случајот предвид го имаше и мислењето на Советот за етика при Здружението на судии кој констатираше дека судијата Нанев не прекршил ниту една етичка норма со патувањето на фудбалскиот натпревар“, велат од Судскиот совет за „А1он“.
Лазар Нанев ја доставил целата документација која била побарана од него, со која аргументирал дека не погрешил. Судскиот совет, смета дека нема ништо спорно ниту во навивањето на судијата на иста трибина, во ВИП делот, заедно со министерот за правда и обвинителка.
„Од доказите кои судијата Лазар Нанев ги приложи во Судскиот совет констатирано е дека тој самиот платил за сместувањето во Италија, додека превозот до Палермо бил организиран од Фудбалската федерација, чиј член е судијата Нанев. Влезницата за натпреварот ја добил преку Фудбалската федерација на РСМ, односно преку италијанската фудбалска федерација. Затоа Судскиот совет смета дека нема прекршување на етичките и професионалните норми“, додаваат од Судскиот совет за „А1он“.
Судијата Нанев е дел од Управниот одбор на ФФМ. Тоа го знаат и од Судскиот совет. Но и во овој дел констатираат дека не е ништо спорно, бидејќи оваа негова функција не е е во спротивност со нивната независност и самостојност во вршење на
судиската функција.