„Како изгледа Скопје – денес, Скопје 2014? На некој случаен минувач, кој се приближува кон центарот, можеби нема да му бидат необични огромните згради изградени во неокласичен стил покрај реката Вардар, но кога физички ќе се зачекори во тој простор, и кога ќе сфатите дека околу овие “историски” згради се уште има кранови, дека се’ е полно со статуи, дека мостовите не водат никаде, бродовите заринкани во реката не пловат никаде, дека зградите се како филмски кулиси широки само неколку метри и дека барокните фасадите на градските улици се, всушност, лажни, бидејќи се дополнително залепени на веќе постоечки згради, ви останува само да се прашате: како е ова е можно?“, вака хрватскиот портал „Погледај.то“ ја почнува репортажата за Скопје со наслов „Неокласично силување на градот“.
„Власта одлучи да го преобрази центарот на градот кој го одредува мешањето на различни архитектонски стилови, епохи и култури, со цел да го јакне македонскиот идентитет со зголемувањето на бројот на споменици и скулптури што ќе асоцираат на славната историја на ова подрачје“, пишува порталот.
Во текстот понатаму се спомнуваат стотиците милиони евра потрошени за „Скопје 2014“ и поделеното јавно мислење околу овој проект.
„Најмногу контроверзи предизвика 22 метри високата статуа на Александар Македонски на коњ, поставена на главниот градски плоштад, која се претвора во голема фонтана со звучни и светлосни ефекти. Ништо помалку контроверзна не е и триумфалната капија „Македонија“ по углед на онаа на Наполеон во Париз. Скопје 2014 е проект кој имаше цел на градот да му го врати сјајот во грандиозен стил и да го зајакне идентитетот на народот. Педесет години по разорниот земјотрес кој го погоди градот во 1963 година, власта сметаше дека модернистичките згради настанати по земјотресот не се достоен претставник на главниот град на Македонија.
По земјотресот, кој беше еден од најразорните во овој дел на Европа, без покрив над главата останале околу 200 илјади луѓе, а околу 80 отсто од градот бил разурнат.
За целосната реконструкција беше распишан меѓународен конкурс. Некои од идејните решенија тогаш – беа далеку пред своето време, како што било она на познатиот јапонски архитект Кензо Танге.
Неговиот урбанистички проект не бил целосно прифатен, но биле изведени некои од неговите решенија и неговиот архитектонски печат е видлив и денес.
Така, градот е одново изграден по земјотресот во 1963 година и стана град – модел за рационалното социјалистичко планирање – град на едноставен бетон, елегантна геометрија, град достоен претставник на модерната архитектура. Изграден е нов транспортен центар со автобуска и железничка станица, студентски дом, музеј на современа уметност, зграда на радиотелевизија, трговски центар, национална банка, Академија на науки и уметности, национален театар, универзитетски кампус…
Денес, овие вредни објекти кои ја претставуваат модерната архитектура на 20. век се запустени, оставени да пропаднат и претставуваат една апокалиптична слика на напуштен град, која е целосна спротивност со новоизградените „историски“ велелепни згради.
И наместо да се препознае вредноста на модерната архитектура настаната по земјотресот и да се продолжи со создавање на модерен, современ град – модерените згради се изложени на уривање и пропаѓање, а во поновите примери почнаа да добиваат „барокни“ фасади“, пишува порталот.
ФОТО: Pogledaj.to