Ховит предлага во ЕП поволна резолуција за напредокот на Македонија

Од:

Британскиот европратеник Ричард Ховит во најновата Резолуција за напредокот на Македонија во 2012, за која наскоро ќе се дебатира во Европскиот парламент, отворено упатува повик до Советот на ЕУ да одреди без дополнителни одложувања датум за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Ховит ги смета за вистински чекор напред заклучоците на Европскиот совет, во кои едногласно беше поддржано донесувањето на временски ограничено решение до јуни 2013 година, врз основа на последниот извештај на Комисијата. Британскиот европратеник притоа го поздравува комесарот задолжен за проширувањето, за неговите иницијативи и го повикува во дополнителниот извештај да ја вклучи проценката на трошоците кои произлегуваат од не-проширувањето.

Во резолуцијата се поттикнува продолжувањето на дипломатски размени кои се случија меѓу Атина, Софија и Скопје и ги повикува сите страни да покажат соодветна заложба за „односи во духот на добрососедството“, врз основа на заемна почит и пријателство, притоа се повикува ирското претседателство да спроведува интензивни дипломатски напори за да се постигне задоволителен исход.

Известувачот за Македонија и понатаму продолжува да изразува жалење што спорот за името го блокира патот на земјата за членство во ЕУ и изразува согласност со Европскиот совет дека прашањето за името треба да биде конечно решен без одложување од ниту една страна. Во согласност со тоа Ховит повторно упатува повик кон Комисијата и Советот да почнат да развиваат во согласност со Договорите на ЕУ применлив арбитражен механизам, кој би имал за цел решавање на билатералните прашања меѓу земјите вклучени во процесот на проширување и земји членки.

Ховит изразува убеденост дека почетокот на преговорите може само по себе да ја промени состојбата во насока на понатамошно унапредување на реформите и поволни односи со соседните држави.

Што се однесува до Дијалогот на високо ниво тој смета дека беше важен инструмент за да се постигне напредок во застојот, при што е поздравен целосниот или делумниот напредокот во 75 отсто идентификувани политички области. Но, како што се нагласува во предложениот текст, „Високиот дијалог не е замена за преговорите“.

Во резолуцијата е изразена е загриженост за чувствителни прашања во меѓуетничките односи што се појавија во текот на годината, при што тој смета дека зајакнатиот политички дијалог е од суштинско значење за продолжување на напредокот кон постигнување на мирно мултиетничко општество. Во таа насока е поздравен извештајот на Владата за спроведување на Охридскиот рамковен договор и се охрабрува Владата брзо да се движи во следната фаза.
Во текстот на резолуцијата се поздравува мултиетничкиот образовен проект на Владата и се повикуваат сите училишта да го следат примерот на оние во Куманово, кои се обидуваат да стават крај на поделениот образование на различни етнички заедници.

Нацрт-резолуцијата ја поздравува употребата на терминот „македонски“ во Извештај за напредокот во 2012 што е норма на ОН, како и почитување на различни јазици, идентитети и култури во рамките на земјата.

Ховит бара од ЕП да ја сподели проценката на Комисијата дека земјата продолжува да ги исполнува политичките критериуми. Поздравени се бројните реформи во администрацијата, децентрализацијата, зголемување на напорите за независност и непристрасност на судските органи. Поздравено е зајакнувањето на правната рамка за борба против корупцијата, но изразува загриженост дека корупцијата останува широко распространета. Ховит ја поздрави декриминализацијата на клеветата и продлабочувањето на дијалогот меѓу Владата и новинарите за прашања поврзани со слободата на изразување и на мислењето.

Сепак, тој изразува загриженост дека земјата падна 26 места во индексот за слободата на „Репортери без граници“ и повикува на понатамошни напори кон зајакнувањето на професионалните стандарди во новинарството, промовирање на плурализмот на медиумите, независноста на јавниот радио и телевизиски сервис и транспарентноста во сопственоста на медиумите. Притоа се поддржуваат активистите на социјалните мрежи, кои лобираат против цензурата на интернет.

Ховит смета дека развојот на политичката култура, во која се почитува плурализмот на перспективи од независно граѓанско општество е суштинско за натамошниот демократски напредок во земјата, тој ги повикува здруженијата на граѓанското општество да ја чуваат нивната независност и да ги зајакнат заедничките проекти од заемна корист со здруженијата на граѓанското општество од соседните земји и како целина од целата ЕУ.

Во предложената резолуција за која ќе се расправа на 21 јануари во Комисијата за надворешни работи на ЕП, по што таа ќе биде претставена и на пленарна сесија на ЕП, се повикува на зајакнување на улогата на Парламентот како тело за надзор на Владата и зајакнување на Изборниот законик и зголемување на транспарентноста при финансирање на политичките партии со цел целосно спроведување препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Во предложениот документ нема многу елементи околу случувањата во Македонија од пред еден месец, но во раговорите што ги водевме со многумина европратеници, тие се во тек со нив и најверојатно ќе се најдат во конечната верзија на Резолуцијата.

Би можело да ве интересира

ЕУ: Веруваме дека сме блиску до договор со САД за царините

Горан Наумовски

Ковачевски: Граѓаните треба да бидат среќни, живеат во држава со исклучително ниво на безбедност

А1он

Оценската мисија за Судскиот совет неделава завршува со мониторингот

А1он

На европското знамнце не му било местото во измените на Кривичниот законик: ЕУ загрижена за новите одредби

ЕУ за предлог измените во Кривичниот законик: Проверуваме дали е злоупотребено знаменцето

Димитров: Лага е дека историските прашања не се во рамката, предлогот е апсолутно истиот

Ландов