Високиот функционер на Стејт Департментот, Брајан Хојт Ји го посети Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите заедно со заменик амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Бартон Путни.
На средбата било разговарано за предизвиците со кои се соочува ова Јавно обвинителство во реализација на своите законски надлежности, како и за важноста од обезбедување на услови за непречено работење на специјалното обвинителство.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во оваа прилика ја потенцирала важноста на меѓуинституционалната соработка во насока на сузбивање на криминалитетот.
Претходно, по средбата во владата, Брајан Хојт Ји кажа дека е многу важно да се поддржи Специјалното јавно обвинителство, да се поддржи владеењето на правото и да се осигура дека сите официјални претставници ќе одговараат за своите дела во согласност со законските прописи. Тој потенцираше дека порака што ја испратиле е разбрана од сите политички партии и дека очекуваат да го поддржат Специјалното обвинителство.
-Ние продолжуваме да го набљудуваме тоа и ако забележиме прекршувања или опструкции кон обвинителството, ќе дадеме насоки како треба да се постапи понатаму, порача Хојт Ји.