Што се однесува за фудбалскиот натпревар кој се одржа на арената Тодор Проески во Скопје на 05.08.2025, СВР Скопје врз основа на снимениот и документиран материјал презема мерки во координација со надлежен јавен обвинител, велат од Министерството за внатрешни работи.
– Имено, доставено е писмено известување до Обвинителството врз основа на веќе утврдениот материјал, по што МВР ќе постапува согласно своите надлежности во координација со ОЈО и за било какви утврдени законски прекршувања ќе следуваат соодветни поднесоци, за што јавноста благовремено ќе биде информирана. За потсетување, во врска со кошаркарскиот натпревар што се одржа на 02.08.2025 во Спортската сала во Куманово, во СВР Куманово веќе се повикани неколку осомничени лица со кои што е извршен службен разговор, и по извршени анализи во координација со ОЈО Куманово ќе бидат преземени конкретни законски мерки а едно лице е лишено од слобода и против него ќе следи соодветен поднесок, се вели во соопштението од МВР.
Претходно се огласи и Хелсиншки комитет.
Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува сериозна загриженост и го осудува националистичкото и политизирано скандирање за време на фудбалскиот натпревар меѓу ФК Шкендија и Карабах, кој се одигра на 5 август во Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
И покрај апелите од јавноста и институциите за фер и спортско навивање, од трибините се слушнаа повици за „Голема Албанија“, „Чамерија“ и „Илирида“ пораки кои се далеку од манифестирање на спортски дух и придонесуваат за поттикнување меѓуетнички поделби, ја нарушуваат меѓуетничката кохезија, а имаат потенцијал да предизвика и злосторства од омраза.
Дополнително загрижувачки е фактот што ваквите извици не доаѓале само од навивачката група „Балисти“, туку биле извикувани од дел од публиката и тоа во присуство на високи државни функционери. На натпреварот присуствувале, претседателот на Собранието, Африм Гаши, вицепремиерот Изет Меџити министерот за економија, Валон Дурмиши, како и партиските лидери Али Ахмети и Арбен Таравари и повторно ниту еден од овие високи функционери, за време на натпреварот не реагирал по повод навредувачките скандирања.
Особено е дискутабилна изјавата на претседателот на Собранието, кој од една страна вели дека не ги слушнал повиците додека бил присутен на натпреварот, а од друга страна јавно им честитал на навивачите нарекувајќи ги „достоинствен пример за националните вредности“. Овие контрадикторни ставови испраќаат опасна порака за толеранција на говорот на омраза и политичко навивање на спортски терени.
Осудата на говорот на ораза од страна на политичарите е еден од клучните фактори против ширењето на оваа појава бидејќи говорот на омраза произведува уште повеќе говор на омраза, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза.
Хелсиншкиот комитет апелира до Министерството за внатрешни работи и надлежните институции итно да постапат во согласност со најавените мерки за санкционирање на ваквите испади. Селективната примена на законите, во зависност од етничката или политичката припадност на сторителите е неприфатлива и дополнително ја нарушува довербата на граѓаните во институциите.
Спортските натпревари мора да бидат место на взаемно почитување, фер игра и градење на соживот. За говорот на омраза и националистичките пораки нема место ниту на трибините, ниту во јавниот дискурс.