Експремиерот и бегалец Никола Груевски преку социјалните мрежи порача дека не е точно обвинението на Обвинителството за гонење на организиран криминал, бидејќи тој и ВМРО-ДПМНЕ не организирале упад во Собранието.
Груевски тврди дека не дал инструкции на експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски да го спречи изборот на нов претседател, а ниту пак, помислил дека можело да се направи такво нешто.
„Лага е дека Спиро Ристовски и Миле Јанакиески имале добиено инструкција од партијата да мобилизираат членство за насилен упад во Собранието со цел тепање на пратениците или со било каква цел. Ниту пак мислам дека го правеле тоа. Лага е дека имам било каква поврзаност со наводни активности на УБК поврзани со инцидентите на 27 април. Тогашните мирни протести организирани од граѓанската иницијатива нам како партија ни одговараа бидејќи имавме иста позиција во врска со Тиранската платформа. Но, нагласувам: мирни протести. Но, во никој случај ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту мене лично како тогашен нејзин претседател, а убеден сум ниту на организаторите од граѓанското движење, или обвинетите, не ни одговарало ниту ни паднало на памет насилен упад во Собранието или тепање на пратеници“, пишува Груевски.
ВМРО-ДПМНЕ немала одлука насилно да се влезе во парламентот и да се тепаат пратеници, посочува Груевски, кој повторува дека ниту тој нема дадено таква инструкција и потсетува дека на денот на настанот и претходниот ден бил на службен пат во Виена.
„Моето патување беше договорено околу две недели претходно а самите челници на СДСМ објавија дека одлуката за тоа токму тој ден да се избере претседател на Собранието на незаконски и неуставен начин ја донеле токму тој ден попладнето, на 27 ми април, кога ги контактирале представниците на ДУИ, се сретнале во клубот на пратениците и се договориле за попладневната акција.Оттука претходниот или претходните денови или недели не сме ни можеле да знаеме дека токму тој ден ќе се случи незаконскиот избор на претседател на парламентот очигледно намерно темпиран токму во време кога секојдневните двочасовни протести (од 17 до 19 часот) завршуваа пред објектот на парламентот и кога лесно можело да се претпостави од страна на СДСМ дека е можна спонтана реакција на сензибилизираните граѓани кои протестираа. Поправо би рекол, дека тие брзале да го искористат моето отсуство од земјата за да полесно предизвикаат тензии и инциденти во кои би поставиле “стапица” за граѓаните кои протестираа и освен нив би го обвиниле ВМРО-ДПМНЕ за сето тоа, па од тоа да имаат политичка корист“, дополнува Груевски.
Обвинението поднесено против експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, заедно со ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, не го опфаќа Груевски бидејќи тој не е достапен за органите на прогонот.
„Новото обвинение за 27 ми април исто како и претходното е политички мотивирано и конструирано. Ако претходното обвинение беше во функција на промената на името, идентитетот, уставот и историјата, новиот случај е во функција на следните парламентарни избори“, посочува Груевски.
Експремиерот и бегалец вели „Македонија не постојат услови за фер судење“ по што порачува дека вистината, порано или подоцна ќе испливала на површина.