Левица: “Транспарентност“ по вмровски рецепт – ДПМНЕ предлага да платиш за да видиш кој го добил тендерот, итно да се повлече предлог-законот

Од:

Левица бара итно повлекување на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, оценувајќи дека предложените решенија ги ослабуваат механизмите за контрола врз трошењето на јавните пари и го ограничуваат пристапот до податоците за тендерите.

Од партијата реагираат на две предложени измени, кои, според нив, отвораат простор за субјективно одлучување при изборот на компании и ја отежнуваат независната контрола на јавните набавки.

Со членот 10 од предлог-законот се предвидува задолжителна примена на критериумот „најдобар однос помеѓу цената и квалитетот“ кај определени јавни набавки над 130.000 евра. Договорните органи што во тековната година планираат повеќе од три набавки над овој праг ќе мора најмалку три од нив да ги спроведат со овој критериум, додека оние што планираат помалку од три ќе мора да го применат кај сите такви постапки.

Од Левица предупредуваат дека, за разлика од цената, квалитетот може да биде субјективна категорија доколку не е дефиниран преку прецизни, објективни и мерливи показатели. Според партијата, тоа може да отвори простор за манипулации со бодирањето, фаворизирање одредени понудувачи и ограничување на конкуренцијата.

Дополнително, со членот 3 се предвидува наплата за пристап и користење на јавно достапните податоци од Електронскиот систем за јавни набавки во формат погоден за машинска обработка, како и за користење на веб-сервисите. Висината на надоместокот нема да биде утврдена со законот, туку дополнително ќе ја определува министерот за финансии со посебен тарифник.

Од Левица посочуваат дека овие податоци им овозможуваат на новинарите, истражувачите и граѓанските организации систематски да ги анализираат јавните набавки, да споредуваат договорни органи и понудувачи и да откриваат потенцијални неправилности. Со воведувањето надоместок, сметаат од партијата, пристапот до ваквите анализи ќе стане платена услуга, а условите ќе зависат од одлуката на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

„За ДПМНЕ, очигледно, проблемот не е што јавните набавки се недоволно контролирани, туку што јавноста сè уште има механизми да ги контролира“, велат од Левица.

Од партијата оценуваат дека предложените измени можат дополнително да ја замаглат распределбата на јавните пари и да ја ограничат можноста за независен надзор.

„Токму затоа бараме повлекување на Предлог-законот и прекин на обидот со закон да се нормализираат механизми што можат дополнително да ја замаглат распределбата на јавните пари“, наведуваат од Левица.

Би можело да ве интересира

Во ВМРО-ДПМНЕ на Извршен заклучле дека СДСМ сака да ја сруши Алта банка

(ВИДЕО) Крмов: Гаши ги ускрати пратеничките прашања на опозицијата со произволно толкување на Деловникот

Левица: ДПМНЕ мести свои луѓе да го надгледуваат прислушувањето – го преземаат и граѓанскиот надзор

(ВИДЕО) Мециновиќ: ДПМНЕ го исклучи народот од одлучувањето за сопствените пари – не прифати ниту еден од 124-те амандмани на опозицијата за ребалансот на Буџетот

Законот за јавни набавки повторно во Собранието, поднесени 2.158 амандмани

Катерина Ѓуровски

Левица: Студентите се оштетени за околу 6,5 милиони евра поради тоа што оброкот е замрзнат на 140 денари

А1он