Поглед на новиот изглед на Скопје преку проектот „Скопје 2014“ прави грчкиот весник „Катимерини“ преку репортажа од македонскиот главен град.
Весникот забележува дека планот е дел од владината стратегија да се поттикне „македонската свест“, која не е ограничена само на Скопје, туку се спроведува низ целата држава, преку многубројните знаци на автопатот со кои се потенцира дека се возите на „Александар Македонски“.
Во репортажата се забележува зачуденост од големиот број скулптури и се посочува дека нивниот број скокнал за плус 47 само за една вечер по првиот круг од локалните избори.
„Некои зборуваат за проект за ’масовна хипноза’, други за ’националистичко лудило’, а некои за ’срамно и смешно’. Посетителите во многубројните кафулиња на централниот плоштад ’Македонија’ уживаат во кафето во една шума од скулптури, а шетачите на брегот на Вардар може да патуваат со римски галии“, пишува весникот, додавајќи дека во центарот на плоштадот е скулптурата на Александар Велики замаскирана под насловот „Воин на коњ“, со цел да не се смета дека ја крши Привремената спогодба. Споменикот на Александар Велики, според репортажата, е со поглед на една цела друга војска споменици, а од текстот не изостанува ни забелешка за гардата антички Македонци, кои раскажуваат за славното минато. Како што пишува „Катимерини“, премиерот Никола Груевски со овој план за антиквизација има претставено голем број историски личности како само македонски. Планот на антиквизација според „Катимерини“ се гледа и преку тоа што и аеродромот го носи името на античкиот војсководец, а веќе има фатено корен со тоа што се’ поголем број на бебиња добиваат имиња Филип, Александар, Парменион, Касандар. Весникот посочува дека меѓу скулптурите се грчки и бугарски херои, во кои се споменати Гоце Делчев, Даме Груев, Кирил и Методиј, Филип Втори итн. „За еден викенд во исчекување на резултатите од локалните избори, во страв дека ќе се избере – како што и се случи – кандидатот на опозицијата кој е против планот, Владата постави 47 споменици“, пишува весникот.
Новинарот на „Катимерини“ е зачуден од одлуката во Вардар да бидат поставени галии. „Груевски покрај скулптурите и триумфалните капии сега во Скопје носи и бродови. Можеби Вардар не е многу длабок, но тоа не пречи четири романски галии да бидат врзани на неговиот брег“, стои во текстот, со објаснување како ќе функционираат и што ќе биде нивната примена.
„Катимерини“ забележува дека реакциите против насилната промена на архитектонската естетика на градот главно доаѓаат од познавачите, интелектуалците и космополитската елита. Весникот се повикува на изјави на професорот по архитектура Мирослав Грчев, но и режисерот Слободан Унковски. Народот, според репортажата, е поделен околу проектот и големите средства кои се трошат за него.
„Многумина се жалат за цената. Владата вели дека се потрошиле 200 милиони евра, но опозицијата тврди дека цената е повеќе од 400 милиони евра во период кога сиромаштијата удира на народот. Одговорот на Груевски е едноставен: оние кои се бунтуваат се на страна на Грција и Бугарија, кои сакаат да го уништат народот и државата. И така се извлекува“, заклучува весникот.