Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против германски државјанин, кој ќе биде гонет поради тоа што претепал вработен во скопска рентакар компанија.
Обвинителстовот соопшти дека го товари напаѓачот поради тоа што нa 12 декември, на бензинска пумпа на автопатот Е75, во близина на клучката кај Кадино, со умисла му нанел тешки телесни повреди на едно лице.
Откако германскиот државјанин, кој во Скопје пристигнал со неговата свршеница, договорил да изнајми автомобил на скопскиот аеродром, тие го замолиле оштетениот вработен во рентакар агенцијата да ги вози и да им помогне да ја пронајдат вилата во која требало да престојуваат.
– Откако му го кажале името на вилата, оштетениот застанал на бензинската пума и телефонски разговарал со вработените во вилата, кои му појасниле дека објектот е во населбата Пинтија. Во тој момент, без никаков повод или причина, обвинетиот започнал со висок тон да му се обраќа на оштетениот на англиски јазик, му се доближил, му го одзел мобилниот телефон од раката и со него го удрил по лицето. Притоа оштетениот се здобил со тешка телесна повреда – скршеница на левата јаболчна коска, скршеница на левата орбита и на левиот горновиличен синус, соопшти Обвинителството.
Ценејќи дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за определување мерка притвор за обвинетото лице, на кое претходно со решение на судија на претходна постапка му беше определен куќен притвор.