Гаревски испитува за паниката и стравот од битолскиот земјотрес од минатиот месец и скопскиот од 1963

Од:

„Битолскиот земјотрес од 2022 – нивото на паниката и стравот“ е насловот на прашалникот кој од синоќа е достапен за сите граѓани во земјава, а денес ќе биде пуштен и прашалник за скопскиот земјотрес „Враќање во иднината – скопскиот земјотрес од 1963“. Двата се од професорот Михаил Гаревски, кој пред два месецa го основа Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени. Вели дека со прашалниците за земјотресите првпат кај нас ќе се слушнат граѓаните и нивните искуства ќе бидат документирани. Целта на прашалниците е да покажат во колкава мера населението е спремно да се заштити од идни земјотреси и да се утврди дали се потребни масовни обуки и вежби за граѓаните.

Во истражувањето Гаревски бара одговори од граѓаните и за чувствата што ги имале по земјотресите

„Во Македонија, а и пошироко во регионот, иако целиот е постојано сеизмички активен, подготовката на населението за тоа како треба да се однесува за време на земјотрес е многу мала, дури може да се рече дека и не постои. Ние ќе се обидеме преку таканаречена граѓанска сеизмологија да овозможиме размена на податоци меѓу граѓаните и сеизмолошката заедница. Сведоците на земјотресите и сега имаат можност да опишат како го почувствувале земјотресот, на странците на геолошкиот институт на САД (USGS) и на Евро-медитеранскиот центар (EMS), но при описите даваат малку искази за тоа што правеле за време на земјотресот, дали во паника излетале од домовите, а нема доволно информации ниту како се заштитиле во живеалиштата. Со пополнување на нашите прашалници, за кои не требаат повеќе од четири минути, првпат кај нас ќе се реализира ваков проект, за кој сметам дека е исклучително корисен“, објасни професорот Гаревски за „А1он“.

Истражувањето за скопскиот земјотрес Гаревски смета дека требало да се направи многу порано со оглед на тоа што дел од граѓаните кои тогаш биле повозрасни сега ги нема, но вели дека ова е последна шанса да не се изгубат некои важни сеизмолошки факти за земјотресот кои можат да се добијат од граѓаните. Тој меѓу првите го пополнил прашалникот за скопскиот земјотрес и вели дека иако тогаш имал 12 години, добро го памети и смета дека и останатите граѓани, кои тој ден биле во Скопје, се сеќаваат на сите детали.

„Постои многу добра детална документација за оштетувањата кои се направени на секоја градба, но искази за однесувањето на преживеаните за време на земјотресот и нивната психолошка состојба нема. Покрај заклучоци за однесувањето на граѓаните, се очекува преку исказите да се добијат и други податоци, како на пример карактеристики за движењето на тлото за време на земјотресот“, вели професорот Гаревски.

Прашалниците се достапни на веб-страницата на новиот Институт и на нивната страница на „Фејсбук“, а се очекува да траат една година.

Би можело да ве интересира

По силниот земјотрес во Грција, тлото продолжува да се тресе

Два силни земјотреси ја погодија Грција

Горан Наумовски

Нов земјотрес ја стресе Бугарија

Земјотрес во Крагуевац: „Добро се стресе“

Тројца загинати во разорниот земјотрес во Папуа Нова Гвинеја

Земјотрес кај брегот на Крф