Здруженијата за заштита на животните, Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ) и Анима мунди се шокирани од последниот крволочен чин на изживување со уличните кучиња што овојпат се случи во Кочани.
До здруженијата се обатија жители на Кочани, загрижени за своите безбедност и здравје, но и за благосостојбата на животните, откако пред неколку дена нашле кучиња кој некој ги убил, а претходно врз нив ѕверски се изживувал. Од приложените фотографии се гледа дека врз кучињата е употребено огнено оружје, а случајот веднаш бил пријавен во полиција.
– На улицата лежеа 3 кучиња, а успеавме да го сликаме само едното. Беше убиено на ѕверски начин. Немаше контракција на мускулите што значи дека било мртво најмалку еден час или два. Утредента отидов да ги сликам и другите, но веднаш ги тргнале. Прво се убиваат, па се отстрануваат. Имаме основано сомнение кој го прави тоа. Случајот го пријавивме во полиција и во тек е процедурата. Се надеваме дека случајот ќе се расветли бидејќи кој може да посегне по животот на животните, може и по животот на луѓето – изјавија очевидците кои инсистираа на анонимност.
Здруженијата уште еднаш ја повикуваат полицијата со голема сериозност да ги зема предвид случаите на вакво ѕверско одесување од страна на некои граѓани бидејќи станува збор за дела кои се косат и со Кривичниот законик и со Законот за заштита и благосостојба на животните.
Случаите се множат, а досега не сме виделе епилог од ниту еден. Македонските граѓани не заслужуваат да гледаат вакви слики на ѕверски мачени живи суштества кои се дел од природата и дел од нашето секојдневие. Се спротивставуваме на практиката ова да биде нормална слика на едно општество, а се надеваме дека истиот став го делат и надлежните институции и ќе сторат се што е во нивна моќ да го најдат сторителот на овие нечовечни и ѕверски дела.