На седницата на Уставниот суд закажана за 6 февруари идната недела, како втора точка на дневен ред е ставена иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на членот 17 од новиот Законот за следење на комуникациите, кој Собранието го донесе лани.
Портпаролката на Уставниот суд за „Макфакс“ рече дека не можела да дава повеќе детали за иницијативата пред седницата на Уставниот суд, оти таков бил деловникот на судот. Можела да одговара на новинарски прашања само откако седницата ќе завршела. Потврди дека иницијативата ја поднело физичко лице кое го оспорува целиот член 17 од Законот за следење на комуникациите, од аспект на заштита на човековите права.
Членот 17 кој има 8 ставови се однесува на спроведување посебна истражна мерка со посебни технички уреди и опрема. Во членот пишува дека посебната истражна мерка може да се спроведе со помош на посебни технички уреди и опрема кои овозможуваат спроведување на мерката без посредство на ОТА и операторите.
Во членот 17 од Законот за следење на комуникациите пишува дека по добивање на судската наредба во која за спроведување на посебната истражна мерка се определени техничките уреди и опрема, овластеното лице од правосудната полиција, приложувајќи ја наредбата, ги презема техничките уреди и опремата од Основното јавно обвинителствои по завршување на времетраењето на спроведувањето на посебната истражна мерка, веднаш ги враќа во обвинителството.
Уставниот суд ќе расправа и за одлуката за разрешување на претседателот и членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен од 23 јули 2018 година.
Васко Маглешов