Судењето за помошник министерот во МВР, Ѓоко Поповски, обвинет во предметот „Триста“ е одложено за 27-ми ноември.
Неговите адвокати побараа одложување на судењето за две до три недели, образложувајќи дека боледувањето било отворено на 16-ти ноември и на обвинетиот му е потребно мирување.
Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека одбраната не прецизирала до кога ќе биде отворено боледувањето, па оттука истото би можело да потрае и до две години, што не треба да претставува проблем обвинетиот да се појавува на рочиштата.
„Боледувањето е причина да не се оди на работа, а не на судење“, порача Фетаи.
Таа побара медицински вештак да утврди дали обвинетиот може да присуствува во судот.
„Може да правиме и паузи на судењата, ако побара обвинетиот. Судењето не смее да зависи од неговите желби“, рече Фетаи.
Адвокатката на Поповски, Сања Алексиќ рече дека делото нема да застари ако се одложи почетокот за две или три недели.
„Боледување е боледување, независно дали е за работа или за судење“, рече Алексиќ
Адвокатот на одбраната Боро Тасевски додаде дека обвинетиот е тешко подвижен и на постела и не може да дојде на судењето. Додаде дека судот не смее да толкува медицинска документација.
В.М.