Од вторник ќе се одржи тридневен настан „Еманципација на отпорот“ со почеток од 19:30 часот, организиран од Контрапункт, во клубот ГЕМ, над локалот „Менада“ во Стара Чаршија. Настанот има цел да создаде простори на автодидактизам, поточно создавање на заедничко знаење наспроти поделеноста.
Секој ден ќе има предавања и презентации од еден различен европски теоретичар на уметност и култура. Првиот ден ќе презентира Сузана Милевска за „Уметноста на владеењето со знаењето“, вториот ден Марина Гржиниќ ќе говори за „Издигнување на политичкиот субјект“, и последниот ден Дмитри Виленски од групата Chto Delat ќе зборува „Што да се прави помеѓу трагедијата и фарсата?“.
Групата е основана во Русија со цел да се спојат политичката теорија, уметност и активизмот во раните 2000-ти од работна група од уметници, критичари, филозофи и писатели. Тие се ангажираат во различни уметнички проекти вклучувајќи видео, инсталации, интервенции во јавен простор, радио програми, институционална критика и мјузикли.
Настанот ќе опфати прашања поврзани со концептите на политичкото и естетското, ќе се испитуваат разликите и сличностите на самоорганизираното образование, како и неговите позитивни и негативни ефекти, и како и дали самообразовните концепти и практики влијаат врз општествените промени во време на дигитална и мрежна размена на знаења.
Настанот е дел од проектот „Проширено естетско образование: Уметничкиот екперимент и политичката култура во доба на мрежи“. Проектот е во соработка со Мултимедијалниот институт од Загреб, куда.орг од Нови Сад, Контрапункт од Скопје, Берлинер Газете од Берлин и Мјуте од Лондон.