Ексминистерката за култура пак си го барала пасошот – СЈО ја одби

Од:

Ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, тропнала на вратата на Јавното обвинителство на РМ за судот да ѝ го врати пасошот. Но, спротивно од случајот на Сеад Кочан, кога Обвинителството на Зврлевски се прогласи за надлежно да го застапува предметот пред Врховниот суд, од ЈОРМ овој пат рекле дека не се надлежни и за тоа барање да се обратат во СЈО. „Јавното обвинителство на Република Македонија ценеше дека не е надлежно да постапува по доставената иницијатива и ја препрати во надлежното Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите на натамошно постапување“, велат од ЈОРМ за „Макфакс“.

Сè започнало на 11 август кога поранешната министерка до Јавното обвинителство на РМ поднела иницијатива со барање за заштита на законитоста судот да ѝ го врати пасошот, кој ѝ е одземен за случајот „Тендери“. Информацијата за „Макфакс“ ја потврди нејзиниот адвокат, Еленко Миланов. Aдвокатот вели дека во случајот нема второстепеност на постапката бидејќи Катица Јанева е и застапник на обвинението, за чие барање за заштита на законитоста, повторно таа решила да го отфрли.

Од специјалното обвинитлство велат дека единствено тие се надлежни да постапуваат во сите три инстанци на предметите кои се под нивна надлежност. „Законот за јавно обвинителство за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“ е јасен. Ова Јавно обвинителство е овластено да постапува во сите три инстанци во предметите по наша надлежност. Во овој контекст ние постапивме и кога беше поднесено БЗЗ во случајот „Труст“ бидејќи и во тој случај надлежно обвинителство беше токму ова јавно обвинителство“, велат од СЈО за „Макфакс“. На крајот на јули скопска Апелација одлучи да не ѝ определи притвор на Канческа-Милевска, па како поблага мерка одлучи да ѝ го одземе пасошот.

За Кочан, СЈО е ненадлежно, за Канческа-Милевска – надлежно

За разлика од одлучувањето за притворот на Сеад Кочан, Јавното обвинителство на РМ го известило СЈО дека тие се надлежен орган пред кој Канческа-Милевска може да го поднесе барањето. Со оваа одлука Јавното обвинителство со кое раководеше Марко Зврлевски фактички го призна СЈО како надлежно да поднесува барање за вонреден правен лек. Иако Јавното обвинителство во одлуката за преиспитување на притворот на бизнисменот Сеад Кочан немаше надлежност врз предметот, сепак, Врховниот суд на крајот го прифати. На крајот СЈО одлучи дека не постојат причини да ѝ се одобри барањето на ексминистерката за култура. Таа останува без пасош.

За потсетување, Обвинителството на Марко Зврлевски побара Врховниот суд да го уважи барањето за заштита на законитоста на јавниот обвинител да ги укине претходните решенија и предметот за притворот на Кочан да го врати на повторно одлучување. Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, тогаш изјави дека според Законот за кривичната постапка право да побара заштита на законитоста има само јавниот обвинител на РМ, а СЈО го повлече барањето за заштита на законитоста поднесено од ЈОРМ. Врховниот суд на седница во април не донесе одлука, односно начелен правен став за прашањето дали Специјалното јавно обвинителство смее да поднесува барања за заштита на законитоста како вонреден правен лек до Врховниот суд или ексклузивно право на тоа има само државното Јавно обвинителство. Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, за да го прифати барањето за заштита на законитоста, поднесено од обвинителот Ацо Колевски од ЈОРМ, иако предметот е на СЈО, неколкупати го менуваше составот на Кривичниот совет додека не се осигури дека ќе обезбеди мнозинство за да го ослободи Сеад Кочан од притвор. Од Советот првин беше тргната судијката Лидија Неделкова, по неа судијката Лидија Тасева, за на нивно место да биде ставена граѓанската судијка Рахилка Стојковска, која како трет глас ѝ даде легитимитет на одлуката Кочан да биде ослободен, заедно со гласовите на Вангеловски и Ристо Катавеновски.

Врховниот суд веќе два месеца не донел одлука за барањето за заштита на законитоста од СЈО во предметите „Талир“ и „Пуч“.

В. Маглешов

Би можело да ве интересира

Дел од измените на Кривичниот законик од утре стапуваат на сила: Што ќе значат за осудените ексфункционери

Александар Тодески

Судот во Стразбур ќе ја објави одлуката за поништената аболиција на Иванов

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Интервју со синот на Катица Јанева: Во пералната и фонтаната ни бараа прислушкувани разговори, мајка ми има што да каже, ќе дојде ден

Кристијан Ландов

Предистрагата за високите бонуси на поранешните специјални обвинители не мрда од „мртва точка“

Кристијан Ландов

Не се загрозува ниту еден предмет покренат од СЈО со враќањето на повторно одлучување, вели Заев

Ана Ололовска

Разрешен поротникот Сандев, четири предмети од СЈО ќе почнат од почеток

Кристијан Ландов