Екологистите од Кавадарци се против изградба на две мали хидроцентрали на планината Кожуф. Недозволиво е за нечиј бенефит да се уништуваат националните богатства. Вака денеска реагираа кавадаречките еко активисти од регионалното здружение ,,Еко – живот”.
– Се надеваме дека овој апел ќе допре до највисоките институции и дека ќе покажат еколошка зрелост, истакна претседателот Роберто Паризов, информирајќи дека барање за стопирање на изградбата веќе имаат потпишано неколку вакви субјекти, еколошки, планинарски и други друштва.
Барањето е адресирано до градоначалниците и советниците во општинските совети на Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија. Станува збор за мали хидроелектрани на реката Дошница.
– Како што знаете, градоначалниците Митко Јанчев, Андон Сарамандов и Лазар Петров, осум еколошки и планинарски здруженија на граѓани, со поддршка на професорите од Природно математичкиот факултет, покренаа иницијатива за прогласување на планината Кожуф за Национален парк. Планината Кожуф се наоѓа на територијата на општините Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија. Со површина од 893 км2, е една од ретките планини во Македонија со исклучително богата и единствена флора, фауна, геолошка уникатност, водени ресурси, културни и историски посебности од национално значење, рекоа екологистите.
Како што истакнаа, предвидената локација за изградба на овие две мали хидроелектрани е на локација која представува единствено природно богатство од светско значење. Со евентуален почеток на градежни активности на оваа локација, подвлекоа, ќе се изврши екоцид со непроценлива штета.
– Граѓаните нема да дозволат изградба на овие мали хидроелектрани на оваа локација по никоја цена, пишува во барањето.
Се бара од градоначалниците и членовите на советите да ја посетат оваа локација и да донесат одлука за времено стопирање на изградбата на овие мали хидроелектрани, се до завршување на изработката на Студијата за валоризација на Кожуф планина како Национален парк.
– Сметаме дека како представници избрани од нас граѓаните, имате законска должност да ги штитите интересите на сопствените граѓани и природните богатства што припаѓаат на општините. Никаков економски интерес на некој оператор неможе да биде поголем од интересот на граѓаните и нивната животна средина, се вели меѓу другото, во писменото барање.
Граѓаните, се додава, нема да дозволат продолжување на овој уништувачки напад врз нивната животна средина.
– Ние сме сигурни дека градоначалниците и советниците ќе застанат на страна на граѓаните без разлика на нивната политичка припадност и ќе донесат одлука да се спречи оваа еколошка катастрофа на повидок, пишува во документот потпишан од неколку субјекти.