Постојаниот комитет на Бернската конвенција при Советот на Европа (СЕ) отвори случај за планираните хидроцентрали во Националниот парк „Маврово“. Комитетот ќе проверува дали има прекршување на одредбите од оваа конвенција при носење на одлуките за изградба на планираните 18 хидроенергетски проекти и нивното влијание на територијата на паркот, вклучувајќи ги и Бошков Мост и Луково Поле, соопштија од здруженијата Еко-свест и Фронт 21/42 на денешната средба со новинарите.
Според Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, постапката пред Постојаниот комитет започнала во март 2013 година, кога од страна на македонските еколошки граѓански здруженија беше поднесена жалба за прекршување на четири одредби од Бернската конвенција.
– Постојаниот комитет најде основаност и оправданост на нашите тврдења дека балканскиот рис е ставен на ризик со спроведување на Бошков Мост и други хидро проекти. Комитетот соопшти дека ќе спроведе сопствена анализа во самиот национален парк за да го утврди степенот на закана за биодиверзитетот од страна на овој проект, рече Чоловиќ Лешоска.
Таа посочи дека откако експерти назначени од страна на Постојаниот комитет ќе извршат проценка на планираните проекти во Националниот парк „Маврово”, ќе се подготват препораки кои ќе бидат обврзувачки за Македонија.
– Ако препораките за заштита на Националниот парк „Маврово” се земат предвид и се спроведат случајот ќе биде затворен. Ако Македонија не ги спроведе барањата и препораките, случајот ќе остане отворен, а Постојаниот комитет ќе наложи дополнителни мерки за решавање во насока на заштита и унапредување на паркот, појасни Александра Бујароска од Фронт 21/42.
Граѓанските организации тврдеа дека не е можна заштита на паркот „Маврово” кој е Емералд подрачје и идно Натура подрачје со изградба на 18 инфраструктурни проекти на неговата територија.