Едномесечна голгота за да си го земат своето куче, ЈП „Лајка“ им бара да платат над 250 евра

Од:

Повеќе од 250 евра достигна долгот на семејството Филипоски од Скопје, откако Јавното претпријатие за третман на бездомни животни „Лајка“  на првиот ден од Новата година го заловила нивниот миленик, едногодишниот пит бул Пабло, кој вечерта избегал од дворот, исплашен од петардите.

Од семејството тврдат дека еден месец не можат да си го земат назад својот миленик, иако испраќале десетици електронски пораки и оделе на лице место да докажат дека кучето е нивно.

Одговори, како што велат, не добивале, се до пред неколку дена кога им стигнала фактура 14.125 денари од јавното претпријатие. Доколку не ја платат, како што пишува во официјалниот допис од „Лајка“, кучето ќе биде подарено на друг, а истото денеска беше и огласено на нивната страна на Фејсбук, но овојпат со ново име – Том.

Кучето не било чипирано како што предвидува законот, но за ова, надлежна за санкционирање е Агенцијата за храна и ветеринарство (казната изнесува 50 евра), а не ЈП „Лајка“.

„Вечерта за Нова година Пабло се исплашил од петардите и ја прерипал оградата во дворот и избегал. Го баравме, објавивме и на Фејсбук дека си го бараме миленикот, се додека не видовме дека некој го нашол и објавил. Татко ми веднаш отиде да го земе, но таму веќе имало полиција и претставници од Лајка. Му било кажано дека кучето мора да биде земено за проверка. Татко ми прашал дали ќе ни биде вратено, а му било кажано дека веднаш штом го проверат, ќе ни го вратат“, раскажува Мики Филипоски, член на семејството.

„Утредента, а и денови подоцна, одевме во „Лајка“, прашувавме, пишувавме маилови. Не ни беше дозволено да влеземе, ниту пак добивавме одговори. Им ја испративме ветеринарната книшка на Пабло, како и фотографии и видеа дека кучето е наше и дека бараме да ни се врати. Во меѓувреме, тие без наша дозвола го кастрирале кучето кое што е старо само една година. Пабло ни е член на семејството, нормално дека би си платиле казна бидејќи немаше чип, но не гледаме друга причина кучето еден месец да не можеме да си го вратиме дома, а наместо тоа истото да биде огласено за да си најде нов газда“.

Овие преписки во празно, на кои сопствениците велат дека немало одговор, траеле до пред неколку дена, кога на нивната е-маил адреса стигнала фактурата од околу 230 евра. Сумата секој ден се зголемува, бидејќи дневно за „лежарина“ на куче се плаќаат 250 денари.

Сопственичката на кучето ги замолила надлежните да почекаат барем до 15-ти февруари да ја земе месечната плата, бидејќи во моментов нема толку пари за да плати за да си го земе сопствениот миленик. Одговор се уште нема.

Ова не е прв ваков случај, односно и други сопственици на кучиња реагираат дека нивните миленици им биле заловени, а потоа плаќале високи суми за да си ги вратат назад.

„Во неколку наврати сме контактирани од сопственици на куче кои со денови доаѓаат и буквално молат во стационар, се јавуваат, пишуваат мејлови за да на крај, по месец дена одолговлекување бидат поканети на состанок на кој им соопштуваат дека треба да платат 300 евра, ред небулозни трошоци и сместување– иако реагирале веднаш и согласно законските правила си го барале сопственото куче назад. Ако луѓето немаат пари да платат за сопственото куче, кое го сакаат и чуваат со години како член на семејство, Лајка му менува име и го објавува кучето за вдомување. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) молчат по пријави, иако знаат што се случува и иако согласно закон исклучиво инспектори од АХВ смеат да изрекуваат ваков вид санкции (на пример 50 евра за нечипиран миленик – и за тоа немаме никаква примедба, дури и го охрабруваме) или да изречат карантин“, велат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“.

Од ЈП „Лајка“ денеска на Фејсбук известија дека доколку кучето има сопственик, а се затекне на јавна површина без сопственикот, тоа се заловува а потоа сопственикот треба да ја плати фактурата.

„Доколку се јави сопственикот на кучето, согласно Ценовникот за утврдување на цените на активности, производи и услуги на Јавното претпријатие за благосостојба на животни скитници на ЈП ЛАЈКА Скопје, и Член 28, став 5 од Законот за заштита и благосостојба на животните, според кој „трошоците за заловување и третман на регистрираните и нерегистрираните кучиња се на товар на сопствениците на кучиња“, се закажува средба со сопственикот, се изготвува фактура за извршените услуги од наша страна и доколку истата биде подмирена од страна на сопственикот на нечипираното куче, кучето му се предава, со аплициран микрочип во ветеринарната амбуланта на ЈП Лајка, кастрирано/стерилизирано и со пасош.

По однос на денешните невистини кои се шират на социјалните мрежи сакаме да и соопштиме на јавноста дека: Посоченото куче е заловено од страна на ЈП Лајка по претходна пријава од полициската станица во општина Аеродром и за истото имаме претставка дека ја загрозило безбедноста на неколку наши сограѓани и нападнало домашен миленик.

По интервенција на полицијата која неможела да се справи со случајот, постапено е од страна на ЈП Лајка и на ден 01.01.2021 година кучето е заловено и сместено во прифатилиштето.

По прегледот констатирано е дека кучето нема аплицирано микрочип, со што и нема законски утврден сопственик и истото подлежи на хуман третман како и секое бездомно куче согласно закон и правилник“, пишуваат од ЈП Лајка.

Сепак, неизвесно е од кои причини се чекало толку долго време, а цената да станува се повисока, пред да им биде доставена на сопствениците фактурата, која ќе биде повисока секој нареден ден. Дотолку повеќе што уште истиот ден сопствениците си го побарале својот миленик и доставиле документација дека станува збор за домашен миленик, а не за бездомно куче.

Стационарот „Лајка“, по многу одолговлекувања, беше отворен лани во октомври и таму треба да бидат сместувани и третирани бездомните животни. Да се посвои куче е бесплатно, но фактурите се високи доколку се залови домашен миленик кој им избегал на газдите, особено затоа што се чека и по еден месец за тие да можат да си го вратат миленикот.

Би можело да ве интересира

Советот на Град Скопје побара да продолжат разговорите со Владата за нормализирање на состојбите во градот

Горан Наумовски

Го претепа кучето со метална шипка по глава само затоа што извршило нужда пред капијата

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Јанчева: Добро е што Владата прифати една мерка на СДСМ, Советот на Скопје да ги поддржи сите три

Вонредна седница на Советот на Град Скопје: Од утре Скопје ќе има автобуски превоз

Стојановски: Се очекува утре изутрина да има нормализиран автобуски превоз во Скопје

Горан Наумовски

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата