Единствената овластена Ветеринарна болница со нови простории за сместување и нега на животни со најсовремени третмани

Од:

Нови простории и опрема од денеска се во функција на Универзитетската ветеринарна болница за општи и специјалистички прегледи на домашните миленици. Болницата е опремена со најсовремена апаратура која е интегративен дел од Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје.

– Универзитетската ветеринарна болница сега има на располагање скоро 500 метри квадратни простории за вршење ветеринарна дејност кои сочинуваат една функционална целина која е единствена во земјава и пошироко во регионот со ваков капацитет, најави проф. д-р Лазо Пендовски, декан на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје.

Тој соопшти дека болницата е дизајнирана за општи и специјалистички прегледи на домашните миленици и е опремена со најсовремена апаратура, поседува две комплетно опремени хируршки сали со апарати за инхалациска анестезија, болнички стационар, стоматолошки кабинет, дијагностичка лабораторија со современи апарати за биохемиска, паразитолошка, микробиолошка и молекуларна дијагностика, нова опрема за рендген дијагностика како и ултразвучна и ЕКГ-дијагностика.

– Според регистарот на Агенцијата за храна и ветеринарство ова е единствената овластена Ветеринарна болница во државава која е одобрена од надлежните органи и има капацитети за сместување и нега на животни, објасни проф. д-р Пендовски.

Во Универзитетската ветеринарна болница работи високообучен тим на експерти, професори, соработници – докторанти, сите специјалисти од различни области, кои се обучени во најсовремените центри за третман на домашни миленици.

Во делот на болничко лекување, има посебен дел предвиден за сместување и терапија на животните, просторија за вештачко оплодување на животни со рана дијагностика на гравидитет, како и капацитети за дијагностика на малигни заболувања и хируршки интервенции.

– Сопствениците на домашните миленици, ќе добиваат совети и упатства за нивна нега и исхрана, превентивни вакцинации, контрола на паразити и најважно од се згрижување на итните и критичните случаи. Со ова, Факултет за ветеринарна медицина – Скопје значително го зголеми ветеринарно-здравствениот капацитет во нашата држава, а Универзитетската ветеринарна болница со своите капацитети, опрема и професионален кадар се потврдува како лидер во ветеринарната медицина со примена на модерна дијагностика, превентива и лекување на домашните миленици, додаде деканот Пендовски.

Би можело да ве интересира

Петмина вработени на Ветеринарниот факултет позитивни на Ковид – 19, уште неколкумина со симптоми доаѓаат на работа

Маја Илиевска-Пачемска

Митев од штипската ветеринарна станица: Ќе ги тужиме невладините за клевета, кучињата се живи и здрави

Габриела Димковиќ-Мишевска

Здруженија за заштита на животни тврдат дека во штипскиот стационар успиваат здрави животни

Ана Ололовска

Прв македонско-бугарски ветеринарно-медицински конгрес

Ана Ололовска

Семинар за ветеринарно-здравствените проблематики во говедарството

Ана Ололовска

Со поддршка од УСАИД три организации склучија партнерство за воведување на интегрирана ветеринарна програма

Наум Локоски