Седницата на која требаше да се расправа за законот за јазиците е одложена од засега непознати причини. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за „Макфакс“ потврди дека седницата е одложена, а вината им ја префрли на партиите.
„Прашајте ги партиите зошто е одложена седницата“, ни рече кусо Џафери во телфонскиот разговор.
„Па и јас чекав, не бев во кафеана“, додаде Џафери.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, рече дека не знаат зошто седницата е одложена, а координаторот на СДСМ, Томислав Тунтев, не одговараше на телефонските повици.
Првично седницата беше закажана за 12 часот, па беше презакажана за 15 часот. Во собраниската сала во 15 часот се појави, единствено, пратеникот Амди Бајрам. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој кусо се појави во пленарната сала, не можеше да им одговори на новинарите дали денеска ќе има или не расправа за амандманите за законот за јазиците. Претходно, Данев рече дека опозициските пратеници не учествувале на координацијата кај претседателот на Собранието.
Додека сè уште немаше никаква информација за седницата, „Макфакс“ двапати се јави во Кабинетот на Џафери, од каде што и двата пати кажаа дека седницата ќе се одржи.
Засега не се знае за кога е одложена седницата.
К. Ландов