Џафери: Нема седница за пратенички прашања, Владата е во оставка

Од:

Претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите информира дека седницата за пратенички прашања закажана за денеска, нема да се одржи.

Џафери посочи дека на денешната седница ќе се констатира оставката на премиерот Зоран Заев, по што ќе течат роковите за натамошни постапки што треба да се преземат за избор на нова влада.

Тој оцени дека е нецелисходно да се одржат пратеничките прашања, бидејќи Владата е во оставка и тоа е воспоставена практика од минатото.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова вчера во изјава пред Собранието порача дека пратеничката група на најголемата опозициска не се откажува од уставното право за пратенички прашања.

– Сакам да укажам на проблем за којшто мислам дека е актуелен. Во членот 93, став 5, јасно стои дека Владата на која и е изгласана недоверба, која поднела оставка или мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада. Во правото постои институтот „Влада во оставка“, што има одговорност. Сега укажувам на еден чуден феномен, а тоа е дека од 24 јуни ние не сме имале пратенички прашања, што значи дека не сме можеле да ја оствариме контролната функција во името на граѓаните, изјави Силјановска-Давкова.

Таа посочи дека одредбата во деловникот вели дека пратенички прашања се поставуваат во последниот четврток во месецот, а пред да се закажат тие се предмет на разговор меѓу координаторите на политичките партии и претседателот во Собрание.

Силјановска-Давкова додаде дека од координаторот на ВМРО-ДПМНЕ е информирана оти со претседателот на Собранието се договориле денеска да се одржи седница за пратенички прашања.

Инаку, за денеска покрај 55-та собраниска седница со дневен ред Поставување на пратенички прашања, се закажани и продолженија на уште пет други собраниски заседанија.

За во 12.30 часот е закажано продолжение на 25-та седница, на чиј дневен ред меѓу другите е и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, по скратена постапка во второ читање, поднесен од пратениците Зиадин Села, Скендер Реџепи, Сурија Рашиди, Сафије Садики Шаини, Абдула Салиу, Елми Азири, Халил Снопче, Илире Даути, Атнан Незири, Артина Ќазими, Хусни Исмаили и Африм Гаши.

За во 12.40 е закажано продолжението на 43-та собраниска седница, на која меѓу другото пратениците треба да ги разгледаат Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка во второ читање, поднесен од Маја Морачанин, Моника Зајкова и Павле Трајанов, како и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование во прво читање, поднесен од Ѓорѓија Сајкоски, Силвана Ангелевска, Благица Ласовска, Велика Стојкова – Серафимовска, Лидија Петкоска, Дафина Стојаноска, Иван Јорданов, Бране Петрушевски, Ангелинка Петкова, Марија Петрушевска, Љупчо Пренџов, Дарко Костовски, Бети Стаменкоска Трајкоска, Иванка Василевска, Здравко Трајанов, Миле Лефков, Тимчо Муцунски, Антонијо Милошоски, Златко Пенков, Игор Здравковски, Даниела Христова, Олга Лозановска, Ане Лашкоска и Петар Ристески.

За во 12.50 е закажано продолжението на 54-та седница на чиј дневен ред меѓу другите се предлозите на закони за изменување и дополнување на Законот за личната карта и на Законот за државјанството на Република Северна Македонија, како и Предлогот на закон за дополнување на Законот за матичен број. Сите три закони се носат по скратена постапка.

Во 13 часот е закажано продолжение на 57-та седница на чиј дневен ред се и два предлог-закони за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Корона вирусот, како и предлозите на закони за изменување и дополнување на Законот за основното образование и на Законот за данокот на додадена вредност. Сите закони се предложени по скратена постапка.

На крај за во 13.10 часот е закажано продолжение на 50-та собраниска седница, на чиј дневен ред меѓу другите се и Предлогот на завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година, како и предлозите на закони за изменување и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат и на Законот за јавни претпријатија и двата во прво читање.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови