Две години затвор за сведокот за 27 април бидејќи земал пари за да запира предмети во Обвинителство

Од:

Сведокот од предметот за организаторите на 27 април, Михаел Младеноски, е осуден на две години затвор откако пред судот призна дека измамил бизнисмен од кои земал пари со тврдења дека може да запре постапки кои наводно се воделе против него во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Иако во пријавата од МВР за измамата беше опфатен и Вилијам Секл, вработен во Агенцијата за национална безбедност, за него до судот не беше поднесен обвинителен предлог. Пресудата за Младеноски е донесена за помалку од месец, откако Обвинителството покрена постапка. Според пријавата од МВР, барал 75.000 евра за запирање на наводната постапка, добил 5.000 евра и пријава по која полицијата постапуваше.

Од Кривичниот суд за „А1он“ потврдија дека има осудителна пресуда за Младеноски. Тој самиот признал вина на судското рочиште. Нему му е продолжен и притворот, а еден месец се наоѓа во затворот „Скопје“ во Шутка. Младеноски, поднел и жалба на пресудата до Апелација за намалување на казната. Во притвор нема да може да остане повеќе од 60 дена, доколку второстепениот суд не донесе правосилна пресуда.

„А1он“ праша во Обвинителството зошто се откажале од гонењето на Секл, за кого во кривичната пријава од МВР беше посочено дека лажно се претставувал како истражител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и вработен во Управата за финансиско разузнавање со што учествувал во измамата.

Оттаму одговорија: „Јавното обвинителство поведува постапки и поднесува обвиненија согласно обезбедените докази и утврдените факти во текот на претходната постапка“.

Обвинителството и пред поднесување на обвинителен предлог, за Секл првично побара мерка притвор поради опасност од бегство, а потоа се предомисли и достави предлог за одредување на поблаги мерки, односно одземање на патната исправа.

Во кривичната пријава на МВР до Обвинителството стоеше дека во 2020 и 2021 година, Младеноски со цел да добие пари од бизнисмен, посочувал дека тој поседува информации според кои Обвинилството за гонење на организиран криминал води постапки против нив. Тој направил и лажен документ кој го претставил дека е на Обвинителството, за да ги увери во вистинитоста.

„Тој од оштетениот побарал парична награда од 75.000 евра кои ќе му бидат исплатени во неколку наврати за да ги искористи своите конекции и врски што наводно ги имал со службени лица – истражители во обвинителството за да се запре постапката. М.М. служејќи се со лаги и манипулации го навел оштетениот да му даде 5.000 ЕУР кои ги зел на 03.11.2021 на нивна средба во угостителски објект во Скопје со што го сторил кривичното дело измама“, велеа од МВР.

За Вилијам Секл, се наведуваше дека со намера Младеноски да прибави противправна имотна корист, на средбата со бизнисменот лажно се претставил како вработен во Управата за финансиско разузнавање, а воедно и истражител во ОЈО за ГОКК. Тогаш, тој беше обвинет дека му овозможил на Младеноски да го донесе бизнисменот до заблуда, па беше гонет за лажно претставување.

Би можело да ве интересира

Ковачки: Зарко Милошевски го заташкува случајот со Онишченко

Катерина Ѓуровски

Прекината седницата на собраниската Комисија за надзор на работата на АНБ, не се појави никој од Агенцијата

Катерина Ѓуровски

ВМРО-ДПМНЕ: Зарко Милошевски не е нов лик во АНБ, туку продолжена рака на екс директор Димовски и Зечевиќ

Зарко Милошевски e нов директор на Агенцијата за национална безбедност

Горан Наумовски

Без консултација со партнерите од НАТО дадена е согласност за државјанството на Онишченко, АНБ ја лоцираше одговрноста кај поединец

Катерина Ѓуровски

Абазовиќ тврди дека го разрешил директорот на АНБ поради „специјална војна“ против членови на Владата