Дуќанџиите револтирани, директорот на ГТЦ негира: Две лица пријавиле повреди по излизгување на мраз

Од:

Дуќанџиите од Градскиот трговски центар се жалат дека службите не го чистат снегот во објектот, што претставува опасност за нив и за потрошувачите да се повредат поради лизгавиот под. До „А1он“ испратија и фотографии од заледен снег на скалите и подот во близина на влезот кај трговскиот центар „Соравија“. Наспроти нивните тврдења, директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, вели дека службите ги исчистиле снегот и мразот. На една од фотографиите испратена од дуќанџиите има и крв, но Трајчевски вели дека кај нив нема пријавено оти некој се повредил додека минувал. Тој вели дека мермерот во ГТЦ се лизга и без снег, а тоа е долгогодишен проблем.

„Од рано наутро цело време чистиме и го исчистивме. Не можеме целиот снег да го тргнеме, но сите приоди се исчистени. Не е возможно да се крене целиот снег. Приодите од ‘Соравија’, Паркот на жената борец, кај Стопанска банка – сè е исчистено. Чистењето е обврска на ГТЦ. Ако сакаат дуќанџиите да се солидарни со ГТЦ, може и тие да излезат да помогнат. Тоа е исто како дома, ако имаш куќа, па да исчистиш и на тротоар. Чистат одделите за безбедност, техника, хигиена. Вкупно 40-ина луѓе активно се вклучени. Со оглед на квадратурата тие не се доволно. Ние го чистиме и покривот поради тежината бидејќи може да настане протекување од топењето на снегот“, вели директорот Трајчевски за „А1он“.

За тоа дали има посетители на ГТЦ, кои денес настрадале поради снегот и мразот, Трајчевски вели: „Нема пријавено ништо. Може се случило, но не пријавиле. Инаку, веднаш интервенираме, поврзани сме со Градската болница, со Полициска станица Беко“.

Од МВР, пак, велат дека во саботата добиле две пријави за повредени граѓани како последица на заледен снег во ГТЦ. Неофицијално, станува збор за хигиеничарка и за обезбедувач, кои извршувале работни обврски.

„Во Полициската станица Центар, З. С.(56) од Скопје пријавила дека, вршејќи работни задачи во ГТЦ, од заледено место се сопнала и паднала, при што добила повреда (фрактура) на десната рака констатирана во Градската општа болница ‘Св.Наум Охридски’. Истиот ден, во 23.36 часот, во СВР Скопје било пријавено дека Н. П. (47) од Скопје, додека извршувал работни задачи во објект во Трговскиот центар ‘Соравија’ и додека излегувал од главниот влез, се лизнал и паднал и добил телесна повреда во пределот на главата, констатирана во Градската општа болница ‘Св.Наум Охридски’“, велат од МВР за „А1он“.

Сепак, според директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, проблемот се и мермерните плочки, кои и без снег се лизгави. Тој вели дека вработените постојано фрлаат сол за да не се замрзнат.

„Проблемот е што не секогаш снегот е проблем. Се работи за мермер, кога има малку влага, многу се лизгаат плочките. Не треба да има снег за да паѓаат луѓето. Проблем е мермерот, особено зимно време. Плус ако има дожд, минусни температури, тоа е лизгалиште. Ние фрламе сол. Од синоќа почнавме, фрлени се речиси 300 килограми, ставени се уште 500 за да видиме како ќе се движат вечерва температурите. Немаме набавено течност како онаа што се фрла на улиците. Тоа треба да се испита да не му направи проблем на мермерот“, вели Трајчевски.

Во однос на обвинувањата дека ГТЦ има проблем и со парното, кое се исклучува по 18 часот, тој вели дека станува збор за измислување.

„Е, сега, тоа малку е измислување. Не е точно. Се случува во дуќан да пукне вентил, ќе затаи. Ама веднаш се интервенира. Утрово имаше парно. Не е точно дека се исклучува парното по 18 часот. Ние сме врзани на БЕГ“, додава Трајчевски.

Би можело да ве интересира

Забрана за движење товарни возила на патот Дебар – Маврово и Тетово – Попова Шапкa

Студено и ветровито време со локални врнежи од снег

Облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег

Провејува снег на Попова-Шапка и на преминот Пресека

Забрана за камиони на патот Гостивар-Кичево

Поради магла намалена видливост до 20 метри на патот Тетово – Попова Шапка