Државна и црковна делегација денеска продолжуваат со повеќедецениската традиција во главниот италијански град каде во Светата столица се одржуваат повеќе манифестации во чест на свети Кирил.
Според програмата, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери со пратеници од Парламентот, вицепремиерот Кочо Анѓушев и претставници на министерства, архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан со членови на Синдот и други делегации, најнапред ќе учествуваат на Молебен во Базиликата Сан Клементе и ќе положат венец на гробот на св. Кирил.
Делегацијата потоа ќе присуствува на аудиенција кај Светиот отец на Римокатоличката црква во Ватикан, по што претседателот на Собранието Џафери ќе оствари тет-а-тет средба со Папата Франциск, а заедно со вицепремиерот Анѓушев и државниот секретар во МНР Виктор Димовски ќе остварат средба и со државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пјетро Паролин.
Попладне, чествувањето за сесловенските просветители браќата св. Кирил и Методиј продолжува со заеднички активности на делегацијата на Република Северна Македонија и делегацијата на Република Бугарија.
Според програмата, делегаците ќе положат цвеќе пред плочата на Република Северна Македонија во чест на св. Кирил во Базиликата Санта Марија Маџоре, потоа ќе учествуваат на миса во црквата „Св. Павел ала Регола“, а во вечерните часови ќе проследат уметничка програма на која ќе настапат музичките уметници Весна Гиновска Илкова и Дино Имери.