Договорени законските измени и Изборниот законик

Од:

Работните групи на четирите најголеми политички партии во вторникот попладнето начелно ги усогласија, по речиси пет часа преговори, измените на законите за Влада, за внатрешни работи, за медиумите и за Изборниот законик што беа договорени на 20-ти јули, како и деталите околу ад-хок телото кое во предизборниот период ќе го следи известувањето на медиумите.

Како што изјавија претставниците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и од опозициската СДСМ, Никола Тодоров односно Радмила Шекеринска, законските измени се очекува да бидат изгласани до крајот на седмицава.

„Мислам дека ги усогласивме текстовите на сите закони кои треба да бидат доставени до парламентот, и се надевам дека ќе добијат поддршка од пратениците. Со тоа ќе се отвори патот за одржување избори. Моите очекувања се дека најдоцна до крајот на оваа седмица би требало да бидат веќе во сила“, рече Тодоров за новианрите по средбата, којашто како и во понеделникот, се одржуваше во Министерството за правда.

Шекеринска потврди, исто така, дека претставниците на четирите политички партии постигнале начелна согласност за законите предвидени со договорот од минатата седмица во американската резиденција под покровителство на амбасадорот Џес Бејли

„До вечер, кога ќе ги добиеме финалните текстови, ќе можеме да кажеме дека уште еден чекор во имплементацијата е завршен и потоа партиите целата процедура ќе ја дискутираат во Собранието. Нашата цел е Македонија час поскоро да обезбеди услови за фер и демократски избори на кои нема да одлучува власта, туку ќе одлучуваат граѓаните“, рече Шеќеринска.

Доколку до крајот на седмицата пратениците ги усвојат договорените законски решенија, институциите ќе почнат да го спроведуваат Договорот од Пржино, а со тоа ќе се овозможи и одржување предвремени парламентарни избори до крајот на годинава, а како најверојатен датум се споменува 11-ти декември.

Според договорот, во измените за медиумите треба да се наведе дека назначувањето на главниот уредник на јавниот сервис е по предлог на опозицијата. Четирите партии ќе треба да ги прецизираат и деталите за формирање ад-хок тело, коешто ќе треба да ја следи работата на медиумите сто дена пред изборите.

Во Законот за Влада треба да се ограничи мандатот на министрите и дополнителните заменици-министри, кои ќе треба да се повлечат веднаш штом Државната изборна комисија (ДИК) ќе ги објави првите официјални резултати.

Ова беше едно од главните барања на ВМРО-ДПМНЕ за време на преговорите за да се спречи владеењето на министрите да се одолговлекува до формирањето на новата влада кое може да трае максимум 60 дена.

Со овие измени од завршувањето на изборите до изборот на новата влада надлежностите ги преземаат замениците на министрите.

Исто така, треба да се ограничи правото на министерот за внатрешни работи во техничката влада на 15 кадровски измени, а последните измени на Законот за МВР и за полиција да важат од први јануари следната година.

Од исполнувањето на овие точки во договорот и од проверката што на крајот на август ќе ја направат лидерите на партиите ќе зависи дали и кога ќе се одржат предвремените парламентарни избори.

Би можело да ве интересира

Кисела Вода забрани семејните куќи во Пржино и Црниче да станат згради

А1он

Ѓорѓиевски се сомнева дека пожарот во Пржино бил подметнат

А1он

Голем пожар во Пржино, гори поранешно училиште

Кристијан Ландов

(ВИДЕО) Драма во Пржино: Се излизга патот, локалните жители стравуваат за домовите

Наум Локоски

Пожар во подрумски простории каде што се складира медицински материјал во Пржино

Наум Локоски

Пожар во Пржино

Наум Локоски