Облачно време со слаби локални врнежи претежно од снег ќе преовладува до четврток. По некои котлини врнежите ќе бидат од дожд и снег, додека во југоисточните делови ќе има дожд, а ќе дува и слаб до умерен северен ветер. Нови пообилни врнежи со засилен јужен ветер се очекуваат во петок и за време на викендот.
Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека преодно стабилизирање на времето ќе има во четврток.
Утринава времето е облачно со слаб до умерен ветер од северен правец. Минимални температури се измерени -6 во Маврови Анови, -3 Крушево и Лазарополе, -1 во Крива Паланка, 0 во Куманово, Берово, Прилеп, Демир Капија, Претор, Виница, Дебар. Еден степен е измерен во Скопје на Зајчев Рид, Тетово, Штип, Охрид, Кавадарци, 2 во Скопје на мерната станица во Петровец, во Битола и Струмица, 4 во Дојран до 5 степени во Гевгелија.
Во 7 часот снежната покривка во Маврови Анови била 28 сантиметри, 7 во Лазарополе, 3 во Пожаране, 2 во Крушево и 1 сантиметар во Ѓуриште.
Во изминатите 24 часа, до 7 часот утрово наврнат е 6 литри на метар квадратен воден талог во Пожаране, 5 во Маврови Анови, 3 во Крива Паланка, 2 во Лазарополе, Дебар, Крушево и 1 во Берово, Куманово, Охрид, Претор, Дојран, Струмица и Виница.
Времето денеска ќе биде претежно облачно со слаб до умерен северен ветер. На планините ќе има повремен слаб снег. Доцна попладне, најпрво на југ и краен запад потоа и на исток ќе има повремен локален дожд кој во текот на ноќта и на некои пониски места ќе поминува во снег. Максималната температура ќе се движи од 2 до 8 степени.
Во Скопје ќе биде облачно со слаб до умерен северозападен ветер. Максималната температура ќе достигне до 4 степени. Во ноќните часови со услови за повремен слаб снег.