Вицепремиерот Муса Џафери вели дека неговата изјава за проектот „Скопје 2014“ во интервјуто за косовскиот весник „Зери“ е извадена од контекст и тврди дека во ниту една реченица не рекол оти „Скопје 2014“ е штетен за Албанците, јави Алсат-М.
– Јас не истакнав дека е штетен. Го изразив моето мислење дека треба да се повикуваме на анкетите, ако ги има, а ги има и дека идеологот треба да објасни од кои причини Албанците го почувствувале како провокација, имајќи ги предвид фигурите кои се сместени во Скопје, од кои повеќето се контроверзни. Тоа беше идејата – вели тој.
Џафери вели дека ефектите од проектот во јавноста покажуваат дека тој е провокација, но оти тоа повеќе се однесува на грчката отколку на албанската страна, поради глорификација на дискутабилните историски фигури и нивната припадност.
– Ако ја прашате албанската јавност, таа мисли дека овој проект е провокација, иако можеби тоа не е целта. Тоа беше мојот одговор во косовскиот весник „Зери“ – објаснува Џафери.