Проблемот со невакцинираното прваче, кое втор ден не посетува настава, не е мој и на родителите, туку на министрите за образование и за здравство, ние само ги чувствуваме последиците, изјави Јованче Манасков, директор на ООУ „Блаже Конески“ од Велес, за „А1он“, кој минатата недела повика полиција во училиштето оти родителите се противеле на инсистирањето да си го земат дома невакцинираното прваче.
Манасков смета дека токму министрите треба да најдат решение и да им дадат насоки на директорите на училиштата како да постапуваат во вакви случаи.
„Јавно ги повикувам Филипче и Адеми да најдат решение за ваквите деца. Не е решение да се казни училиштето што дозволува незапишано прваче да доаѓа на часовите ниту, пак, да се казнат родителите што не го вакцинирале. Треба решение што ќе биде во интерес на детето, да се најде начин тоа да добие статус на ученик. Тоа е дете од нашата улица и ние како институција водиме грижа за него. Јас на родителите се обидов да им објаснам дека сме на иста страна, се грижиме за најдоброто за детето. Исто како и родителите, и јас испратив претставки во Министерството за образование, во Министерството за труд и социјала, во Просветниот инспекторат и барам одговори како да постапам во овој случај, но одговор нема“, изјави директорот Манасков за „А1он“.
Му пречат забелешките од родители дека само тој не толерирал невакцинирано прваче, а другите директори наоѓале начини како да ги запишат ваквите деца.
„Јас дури им се јавував и на колеги да ми кажат како го извеле тоа за да видам дали можам и јас да го применам. Но, не добив конкретен одговор. Верувајте ми, јас сум против тоа детето да остане без образование, но ако ги почитуваме постојните закони и прописи, детето нема начин да биде запишано“, објаснува директорот Манасков и нагласува дека првачето од нивото училиштето не е единствено невакцинирано, туку дека другите молчат, а молчат и инспекциите.
Мајката на невакцинираното прваче од велешкото училиште најави дека по инцидентот во четвртокот, и детето и тие се премногу трауматизирани за да го донесат на настава и остави институциите да го решат проблемот.
Од Министерството за здравство велат дека решение треба да најде Министерството за образование, а Министерството за образование, пак, не одговара на прашањата за инцидентот со првачето од Велес.