Во текот на оваа недела во Кривичниот суд закажани се девет рочишта на Специјалното јавно обвинителство за предмети произлезени од прислушуваните разговори, познати како „бомби“.
Денеска се закажни рочишта за случаите „Насилство во Центар“ и „Траекторија“.
Во предметот „Насилство во Центар“ обвинети се 14 лица за поттикнување на насилство што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Вина за настаните признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски. Во овој предмет обвинети се уште 12 лица, меѓу кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова.
Во случајот „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспрот и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Тие се сомничат дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле дејствија со кои ги искористиле и пречекориле своите овластувања во изборот на компанија за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Тие се теретат дека го оштетиле државниот буџет за најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.
Утре е закажано рочиште за случајот „Тарифа“, каде што три лица се обвинети поради постоење основано сомнение за извршена злоупотреба на службената положба во постапка по јавна набавка на софтвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ.
Во среда е закажно судење за предметот „Сопот“, отворен во 2003 година. Овој случај е за загинувањето на двајца полски војници и еден македонски државјнанин кога возило на НАТО нагази на мина. Десет лица се товарат дека во 2003 година подметнале експлозивна направа на локалниот пат Сушево-Сопот.
Рочишта за предметот „Труст“ се закажни за четврток и петок. Во овој предмет првоосомничен е Сеад Кочан, а покрај него осомничени се и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“, за учество на тендер на ЕЛЕМ. Според обвинението тие со фалсификувани документи местеле тендери во вредност од 17 милиони евра.
Во четврток закажно е и рочиште за предметот „Топлик“ каде што осомничени се шест лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски. Овој предмет е за продажбата на градежна парцела за изградба на населбата Сончев град во скопско Сопшиште.
Рочиште за предметот „Таргет – Тврдина“ во кој обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошковски, закажно е за петок. Двајцата обвинети се во притвор во Грција. Освен нив во овој предмет обвинети се и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и шефот на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.