Во Министерството за правда се одржа нова средба за предлог законот за Јавното обвинителство. Средбата била меѓу министерката за правда Рената Дескоска, советникот на премиерот Бојан Маричиќ, пратеничката на НСДП, Соња Мираковска и претставниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски и Панче Тошковски.
„Денеска отворивме точки каде реално имаме крупни разлики со ВМРО ДПМНЕ и затоа за жал не можевме да постигнеме одреден напредок во денешните разговори. Разговаравме претежно за точките што се разликуваат со нивниот Предлог-закон со оној кој е поднесен во Собранието“, рече Дескоска.
„За жал, одредени решенија коишто многу лесно го карактеризираат нивниот закон како ретрограден и сталинистички беа позиции на коишто тие останаа во текот на денешните разговори. Една од точките е дека бараат целосна строга централизација на системот на Јавното обвинителство којашто ќе значи дека Јавниот обвинител, Јовевски или кој и да биде, да биде човек со чиј мандат ќе бидат врзани мандатите на 27 носители на јавнообвинителската функција во државата, значи луѓето коишто се на чело на другите обвинителства, со престанокот на државниот обвинител да престане мандатот и на тие лица“, кажа министерката.
Таа потврди дека остануваат клучните разлики е прашањето околу идниот статус на СЈО, на обвинителите, на вработените и на предметите.
„Според барањето на ВМРО-ДПМНЕ треба да дојде до целосно демонтирање на СЈО, но за жал и на Обвинителството за организиран криминал“, рече Дескоска.
Трета клучна разлика е околу статусот на предметите коишто ги води СЈО во моментот. ВМРО-ДПМНЕ инсистираат да нема одредба во законот којашто ќе даде надлежност на новоото обвинителство да ги гони предметите од прислушкуваните материјали.
„Кај нив недостасуваат надлежности на Обвинителството за организиран криминал и висока корупција којшто ќе се однесуваат на изборите и гласањето, за злоупотреба на ИПА фондови, за злоупотреба на јавни набавки, тие надлежности во нивниот предлог се избришани како надлежност на новото обвинителство“, рече министерката.
На новинарско прашање дека се споменуваат припадници на власта, кои се блиски до луѓето коишто се сега осомничени во оваа афера рекет, Дескоска рече: „Блискоста не е основ за кривично дело, но ако има инволвираност во кривични дела, тогаш треба правдата да биде безмилосна за сите. Значи сите треба да одговараат без оглед дали се луѓе од власта, дали се од опозицијата, дали се од обвинителство. Во тој дел се залагам за неселективност во гонењето на сите“.