Десет тужби за надомест на штета поради каснување од куче за четири години во Кавадарци

Од:

Десет тужби за надомест на штета поради каснување од куче, биле поднесени во кавадаречкиот суд, за изминатите четири години. Ова го потврдија за МИА од Основниот суд.

– Во период од 2019, заклучно со 2022 година, пред овој суд се поведени 10 судски постапки по тужби на физички лица, за надомест на штета од каснување на куче, во кои тужени се општината Кавадарци и кавадаречкото јавно претпријатие „Комуналец“, се вели во писмениот одговор од судот, потпишан од судијката Лилјана Ситникоска, овластено лице за односи со јавноста.

Притоа се појаснува дека најголем дел од поведените судски постапки се завршени со судски спогодби, во кои износот на штета што е предмет на спогодување, се движи од 34 до 55 илјади денари. Од поведените постапки, само една е завршена правосилно со пресуда, станува збор за потешки повреди и досудениот износ на штета изнесува 75 илјади денари.

Ваквите податоци, се додава, произлегуваат од извршените проверки во електронскиот систем за евиденција и распоредување на предметите во судот.

Инаку, завчера во Кавадарци почна изградбата на Регионален центар за згрижување на бездомни миленици, информираа од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.

– Локацијата на објектот е во населба Глишиќ, на површина од 5.470 квадратни метри. Целосната финансиска конструкција на овој проект изнесува 14.892.319 денари. Дел од средствата во висина од 5.119.385 денари се обезбедени од Швајцарска амбасада, а дел од средствата во висина од 9.772.933 денари се обезбедени од Министерство за локална самоуправа. Согласно динамиката за изведување на градежните работи, целиот проект треба да биде готов во наредните шест месеци. Изведувач на работите е фирмата „АС машини“, соопштија од кабинетот на Јанчев.

Пред неколку дена, присуствувајќи во Кавадарци, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов рече дека со изградба на стационар, Владата го решава проблемот со бездомните кучиња во девет општини во Вардарскиот регион, акутен проблем за 150 илјади граѓани.

– Ја поздравувам иницијативноста на Општина Кавадарци и регионалниот пристап во решавањето на прашањето, кое што би требало да го следат и другите плански региони. Општините се тие кои што најдобро можат да направат проценка, да ги обезбедат сите услови и документи за градење и да понудат конкретни проекти, рече Пенов.

Тој потсети дека постои буџетска програма за рамномерен регионален развој, од која што вакви проекти можат да бидат финансирани и во другите плански региони, а може да се обезбеди и донаторско учество како во конкретниот случај, преку Швајцарската Агенција за развој и соработка.

– Со изградбата на стационарот ќе се обезбедат соодветни услови за континуирана грижа на бездомните кучиња преку изградба на централно прифатилиште, а ќе се зголеми и безбедноста на граѓаните, рече Пенов.

Преку посебна веб платформа е предвидено да се олесни и начинот на пријавување на проблем од страна на граѓаните, а ќе се изработи и систем за следење и регистрација на бездомни кучиња.

Би можело да ве интересира

Запалени возило, трактор и гаража во Кавадарци

Горан Наумовски

Деветтооделенци од Кавадарци краделе и монтирале фотографии од соученички за да им се исмејуваат

Орце Костов

Група млади кавадарчани физички нападнале семејство во Марена

А1он

Кавадарци со низа препораки по најавените екстремно ниски температури

А1он

Приведен кавадарчанец: Излетал од патот додека превезувал мигранти при што загинало едно лице

А1он

Се запали куќа во кавадаречкото село Раец