Дебатата за Законот за волонтерство се претвори во дебата преку електронски адреси

Од:

Видно збунета и неподготвена за дебата, претседателката на Советот за развој на волонтерство при Министерството за труд и социјала Александра Личовска, не одговори на поставените прашања од публиката за Законот за волонтирање.

Иако по претставувањето на Законот за волонтирање и Стратегијата за развој на волонтерството од 2010-2015 година, публиката во полната сала неуморно креваше рака и поставуваше прашања, инсистирањата се покажаа залудни, бидејќи Личовска бараше сите прашања да и ги испратат на нејзината електронска адреса.

volonterstvo-01.jpg

– Благодарам за вашите убави прашања, но во интерес на дебатата ќе ви оставам телефонски број и електронска адреса, за да можам комплетно да одговорам на прашањата – се правда Личовска.

На ова публиката негодуваше и почна да се смее.

– Мене како волонтер ми е срамота да слушам од претставник од министерството да не знае да одговори на ниту едно прашање. Оваа трибина предвидува дебата по презентирањето на Законот, ние очекуваме одговори, а не да поставуваме прашања преку интернет, а не се знае кога ќе добиеме одговор – реагираше една млада волонтерка.

На присутните гости им беше нејасно која е разликата меѓу волонтерство и практиканство, со оглед на тоа дека не постои закон или подзаконски акт кој ја регулира практичната работа на поединецот во организацијата. Објаснување не знаеше да даде ниту претставничката од МТПС.

Внимание предизвика исповедта на една дипломирана студентка на Биологија која аплицирала да работи во државна институција за работно место на кое нема вработено лице од 1979 година.

volonterstvo-02.jpg

Од институцијата и одговориле дека можат да ја примат, но како волонтер. На ова се надоврза и друг човек од публиката чиј став е дека државата може да го злоупотребува волонтирањето и пријавените да волонтираат дури една година, а подоцна да нема никаква гаранција за нивно вработување. Притоа, тие не добиваат никаква финансиска добивка, освен покривање на трошоците за пат, храна и обука.

Публиката констатира дека потребно е да се донесе Закон за практична работа и да се направи разлика од Законот за волонтирање. Според нив, фирмите можат да претрпат големи штети, бидејќи кај нив има луѓе кои работат како непријавени, а се казнуваат според Закон за работни односи.

volonterstvo-03.jpg

Со препорака за тоа како треба да се регулираат односите на волонтерите и практикантите се јави и претставничка од Хелсиншки комитет, која посочи дека Македонија има потреба од јасно дефиниран Закон за практичка работа. Според неа, во Македонија постои проблем со терминологијата што е волонтер, практикант или лице кое стажира.

– Ние немаме ниту база за податоци за волонтирање. Волонтерот, едноставно треба да има бенефит од неговата работа.

Стратегијата за развој на волонтерство 2010-2015 година предвидува активна соработка со медиумите, зголемување на нивото на култура во образовниот систем преку воведување едукативни содржини во учебниците. Тука се вклучени и соработката со образовниот сектор како и институционална поддршка за работа со волонтери.

Според Законот за волонтирање, волонтер е лице кое дава услуги на други лица без финансиска добивка. Законот е донесен во 2007 година со три правилници кои ги содржи одредбите што ги уредуваат условите, договорот и евиденција за работа. Волонтерот не плаќа персонален данок на доход и во Агенцијата за вработување се води како невработен.

Петар Клинчарски

Би можело да ве интересира

Волонтерите од „Сите заедно можеме“ ќе ги возат возрасните и изнемоштените до вакциналниот пунк во Струмица

Катерина Ѓуровски

Пендаровски до волонтерите: Вие сте пример како треба да бидеме солидарни и да помагаме

Повик за апликации од Мировен корпус Северна Македонија

А1он

Архитектите од Македонија понудија помош за проценка и санација на штетите во Албанија

Општина Битола додели награди за волонтерство

Наум Локоски

ЕВН го одбележa Меѓународниот ден на волонтерите

Ана Ололовска