Резолуцијата донесена во ОН во 1996 година што ја ратификуваше и Собранието на РМ, има обврзувачки карактер и им дава исти права на лицата со хендикеп како и на сите други, потсетува Комисијата за заштита од дискриминација по повод Меѓународниот ден на лицата со хендикеп, 3 Декември.
– Овој ден воедно претставува можност секој да се потсети на досегашните и идни активности кои треба да се спроведат за овозможување еднакви можности за лицата со хендикеп, соопшти Комисијата.
Комисијата за заштита од дискирминација во својата стратегија го има вклучено и прашањето на хендикеп како стратешка цел. Во март годинава утврди директна дискриминација по основ на телесна попреченост во областа на пристапот до добра и услуги. На едно лице не му беше овозможен пристап (соодветна инфраструктура), слободно движење и излегување од домот. Дадена е препорака до дискриминаторот да ги преземе сите неопходни мерки за адаптација на улицата во кое живее лицето со попреченост во согласност со техничките стандарди за пристапност за лицата со посебни потреби, врз основа на нивните лични карактеристики – попреченост.
Комисијата за заштита од дискриминација повикува на почитување на различностите и ги охрабрува граѓаните да поднесуваат претставки за дискриминација со цел нејзино намалување и подигање на свеста за почитување на човековите права, принципите и дигнитетот на човекот кои му гарантираат сигурен и безбеден живот.