Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков заедно со земјоделците и мелничарите во Свети Николе разговараат за откупната цена на пченицата. Цветков оцени дека годинава лебното зрно ќе биде поквалитетно во споредба со лани, а земјоделците ќе имаат и побогат род.
– Ние како Министерство во овој случај сме медијатори, бидејќи знаете дека ние сме потписници на меѓународни договори, кои што не ограничуваат и не сме во можност како држава да воведеме некои забрани за увоз на пченицата. Значи имаме отворен пазар. Но како Министерство ќе ги вклучиме сите расположиви ресурси на кадар на луѓе, на инспекции така да како што ќе се договориме така и да се откупи оваа жетва, вели Цветков.
Тој истакна дека цената на пченицата зависи од пазарот, но како Министерство нема да дозволат земјоделците да бидат приселени или уцените од откупувачите, со што и пченицата би ја дале по многу пониска цена. Министерот најави дека и наредната недела ќе има интензивни состаноци со земјоделците и мелничарите за минималната цена на лебното зрно, но во наредниот период ќе се договараат и да се почитуваат правилата и законите од двете страни.
– За идната година по завршување на сеидбата ќе ги отпочнеме разговорите за тоа како и во кој правец ќе се дефинираат правилата и доколку треба и ќе извршиме измени во Законот за земјоделие и рурален развој, се со цел да не се соочуваме со едни вакви проблеми како секоја година пред самата жетва и да се договараме и преговараме оваа цена ќе биде, него како што е отприлика како што е за тутунот, вели Цветков.
Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев вели дека здруженијата и земјоделците бараат минималната откупна цена на пченицата да биде 12 денари, согласно трошоците за производство, но и продажната цена на пченицата од Србија.
– Имаме свои информации дека дека српската пченица е 150 евра, плус транспортните трошоци 30 евра, плус данокот, исто излегува, односно од 11,5 до 12 денари. Меѓутоа српската пченица треба да се плати веднаш, додека нашата пченица се зависи од млиновите и од договорот на производителот и на млинарите крајниот рок може да биде и шест месеци. Слушнавме некои предлози, поединечни предлози и тоа не е официјален став на млинарите на една пониска цена. Но оваа е прв состанок, вели Шаклев.
Претседателот на Мелничко пекарската индустрија, Николче Ѓеоргиев вели дека годинава ќе имаат квалитетно лебно зрно за преработка за разлика од минатата година, со што граѓаните не треба да стравуваат дали ќе има или не брашно на пазарот. Тој истакна дека мелничарите се уште немаат формирано цена за пченицата, но апелираше земјоделците да почнат да ги почитуваат договорите и законите, односно да го испитат квалитетот во лабараториите во земјава.
– Обврска е на секој млин да излезе со извештај до Министерството за земјоделие, колку ќе откупи, кои се потребите и залихите во моментов и земјоделие да ги сумираат тие резултати. Сакам да нагласам дека уште еден момент е битен земјоделците да го почитуваат примарниот закон, заедно со нас да направиме договори пред почетокот на жетвените активности и да не се чека последниот момент, вели Ѓеоргиев.
Земјоделците, мелничарите и министерот се очекува да имаат средби и во текот на наредната седмица, со што ќе се договорат за откупната цена. Годинава на македонските ниви се засеани 100 илјади хектари, а се очекува родот да изнесува 300 илјади тони пченица.