И Центарот за современи уметности (ЦСУ)ја поддржува иницијативата за референдум за Градскиот трговски центар „Во рамките на своите напори за овозможување на слобода на изразување во уметнички но и граѓански дискурс сметаме дека референдумот претставува еден од основните облици на практицирање на граѓанската демократија и давање можност на граѓаните самите да донесувааат одлуки кои за нив и заедницата во која живеат се од особено значење.
Истовремено потсетуваме дека референдумот претставува најчист облик на граѓанско одлучување, преку кој граѓаните на директен начин, непосредно самите одлучуваат за прашањата кои ги засегаат. Центарот за современи уметности како независна установа од областа на културата веќе подолго време е на линијата на борбата за непосредно одлучување и вклучување на граѓаните во процесите за управувањето и носењето одлуки кои се однесуваат на јавниот простор и неговата хумана, културна и етичка димензија.
Со оглед на тоа сметаме дека Јавниот простор ( а сегашнот ГТЦ во најголема мера е јавен простор) им припаѓа на сите и никој нема право да го окупира, приватизира или затвора со врати и пенџериња како што тоа му прети на Градскиот Тргоски Центар.
Оттаму, иницијативата за овој прв граѓански референдум во Центар е значаен исчекор во зачувувањето на јавниот простор, урбаниот пејзаж и функционалноста на централното градско подрачје. Истовремено одлуката за референдум е исклучително битна за развојот на граѓанското општество, партиципативната демократија и активната улога на граѓанинот во процесот на непосредно донесување одлуки. Референдумот претставува најавтентична форма на граѓанска демократија и можност да ги обедини сите граѓани кои се поделени по различни основи, овозможувајќи им заеднички да одлучат за важни прашања од интерес за заедницата.
Поради сето ова, а особено поради фактот дека референдумите во Македонија исклучително ретко се практикуваат (иако државноста на современа Македонија беше искована токму на референдум), сметаме дека ова е историски важен момент за македонската демократија и јавно повикуваме на поддршка од сите граѓани и организации кои ги делат вредностите на граѓанската демократија. Истовремено, испраќаме апел до сооветниците на Општина Центар да ја подржат иницијативата за референдум, со што директно би им овозможиле на граѓаните да го реализраат своето уставно загарантирано право на избор, и би овозможиле зачувување на едно од најавтентичните современи обележја на центарот на градот. “, стои во соопштението на Центарот за современи уметности – Скопје.