Црвениот крст на Република Македонија досега има доставено околу 14 илјади пакети со храна во поплавените подрачја кои беа зафатени од саботното невреме, а веќе од денеска се планира интензивна дистрибуција на хигиенски средства.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити во денешното интервју за МИА истакнува дека имаат доволно резерви на храна, хигиенски средства, ќебиња, душеци и се што е потребно.
– Заклучно со денешниот ден имаме поделено околу 14.000 пакети со храна, поделивме околу 2.500 ќебиња, околу 600 душеци, околу 400 – 500 кила облека за луѓето, поделивме средства за хигиена, за дезинфекција. Поделивме колички за инвалиди, како и помагала за стари лица. Тоа се работи кои другите организиции не ги гледаат и не ги забележуваат. Во меѓувреме посетувавме стари лица, изнемоштени, кои хронично се болни. Нашите медицински тимови им вршеа преврски и мерење притисок, шеќер итн. Тоа се прави и во моментот. Работевме следејќи ги приоритетите на луѓето, вели Саити.
Тој напоменува дека досега приоритет биле водата и храната и оти информациите од терен говорат дека отсега ќе бидат потребни средства за дезинфекција.
Саити истакнува дека имаат и прилив на дополнителни донации од повеќе фирми од Македонија, како и од странство.
– За среќа имаме и прилив на дополнителни донации од повеќе фирми од Република Македонија. Имаме една активност која е доста успешна во делот на собирање средства преку мобилните телефони. Заклучно со вчера собрани се околу 30 милиони денари. Ако се задржи оваа динамика можеме да очекуваме солидна сума на пари, вели Саити.
Тој додава дека австриската Влада преку Црвениот крст на Австрија му доделила на Црвениот крст на Македонија 500 илјади евра, а Комисијата на ЕУ, односно Агенцијата за храна на ЕУ најавила поддршка.
– Австрискиот Црвен крст допонително ни додели 15 илјади ќебиња, Црвениот крст на Словенија 250 душеци дормео плус средства. Црвениот крст на Србија спроведува акција за собирање средства, Црвениот крст на Бугарија уплати 5.000 евра. Очекуваме поголема донација денеска да пристигне од Турција и сето тоа е една гаранција дека ќе работиме успешно и ќе имаме што да им понудиме на граѓаните, потенцира Саити.
Тој апелира сите да останат солидарни за да му се помогне на населението од поплавените подрачја.
– Мојот апел е да останеме и понатаму проактивни во однос на помагањето. Да останеме солидарни како што повеќепати сме биле како граѓани на овој град и на Република Македонија. Додека е ваква ситуацијата да сме солидарни и да помагаме, а откако ќе поминат некоку дена, да седнеме и да видиме што е тоа што треба да го измениме, дали како индивидуи или како систем на државата. Да видиме што е тоа што ќе овозможи похумано општество и подобри услови за живење. Со граѓаните во поплавените подрачја во кои има жртви треба да сочувствуваме со нив, да се биде со нив, да се солидизираме, да можеме да помогнеме во споделувањето на болката, да има поголемо разбирање, да има помош. Еедноставно со една заедничка работа преку заедничко разбирање да придонесеме да ги отстраниме последиците од оваа катастрофа. Не треба никој да се гледа како виновник за нивната несреќа. Сите ние што сме таму заедно да останеме соединети со една намера, а тоа е да им помогнеме на луѓето, порачува Саити.
Црвениот крст работи од два пункта. Едниот е во Момин поток, а другиот во училиштето „Наум Наумовски Борче“ во скопската населба Маџари.