Црвениот крст од денеска ќе ги дистрибуира неопходните продукти со возила директно на улиците во поплавените села.
– Од денеска дистрибуцијата ќе се врши амбулантно со возила на Црвениот крст директно на улиците по селата. Најважно од се е да се исчисти целиот простор и луѓето да добијат вода и струја за да може побрзо да оди санацијата. Црвениот крст во наредните десет дена ќе остане со хуманитарната дистрибуција, а понатаму ќе се процени како ќе се одвиваат акциите – вели Сузана Тунева, секретар на Црвен крст на град Скопје.
Црвениот крст функционира преку поддршка на постоечките пунктови, преку директна дистрибуција на вода и храна со возила, каде што е најпотребно.
На терен се 60 луѓе од Црвениот крст во осум тимови, кои што се достапни 24 часа, а фокусот е најмногу на Инџиково, Сингелиќ и Стајковци, каде што има најмногу оштетени куќи. Црешево, Смилковци, Арачиново и дел од Шуто Оризари, пак, се на второ ниво на поддршка од оваа организација, бидејќи таму штетите се значително помали.