Црвениот Крст во изминатите три дена до најпогодените подрачја од саботното невреме дистрибуираше 55 тони вода, 5.500 пакети со храна (секој наменет за четири лица), 190 душеци, 356 кебиња и 210 килограми облека. Укажани се и 36 асистенции по прва помош.
Досега, на жиро-сметката на Фондот на солидарност на Црвениот Крст се собрани 5.151.486 милиони денари, а преку телефонот 143 400 се донирани 7.910.000 денари.
Во поддршката на погодените подрачја се вклучени 80 волонтери, седум мобилни тимови за прва медицинска помош, а активиран е и целиот логистички потенцијал на Црвениот Крст.
Според информациите од терен, најпотребни се вода за пиење, конзервирана храна, бебешка храна и пелени, средства за хигиена и дезинфекција, лопати, гумени чизми и ракавици, кофи, батериски ламби.
Помошта може да се предаде во магацините на Црвениот Крст во Момин Поток и во ОУ „Наум Наумовски Борче“ од 8:00 до 18:00 часот.