ЦРМ: Власта да обезбеди слободно известување за изборниот процес, а новинарите да известуваат професионално Скопје

Од:

Центарот за развој на медиуми на новинарите и медиумските работници им го честита Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 Мај, и се приклучува на барањата на професионалните новинарски организации и организациите од граѓанското општество што работат во областа на слободата на изразување за вистински реформи во медиумскиот сектор.

„И оваа година, на Светскиот ден на слободата на медиумите се повторуваат негативните статистики за убиени новинари и медиумски професионалци, за вербални и физички напади и насилство. Праксата на неказнивост на напади на новинари и медиуми мора да престане.

Медиумската заедница и во нашата земја, како и во целиот свет, се соочува со тектонските поместувања што со себе ги донесе новата дигитална ера – преселбата на публиката, а со неа и огласувачите на интернет, поплавата на нови играчи во сферата на јавните комуникации и јавното информирање и со нив поврзаните кампањи за дезинформирање и ширење на неприфатлив говор и говор на омраза.

Проблемите со кои се соочува медиумската индустрија се структурни. Реформите на медиумскиот сектор во Република Северна Македонија, обременет со проблемите на ниска одржливост што резултира во ранливост и нерезистентност на притисоци од центрите на политичка и економска моќ, не смеат да се ограничат само на, неретко плацебо, лечење на симптомите од времето на владеењето на претходната авторитарна власт.

Извештаите на водечките меѓународни организации што работат во областа на слободата на изразување и медиумските слободи – Фридом хаус, Репортери без граници, ИРЕКС – покажуваат напредок во областа на слободата на медиумите и слободата на изразувањето во Република Северна Македонија. Сметаме дека подобрените оценки и повисокото рангирање на Северна Македонија во таквите извештаи е плод на подобрената перцепција која се должи првенствено на волјата на сегашната власт да ги остави новинарите и медиумите да ги вршат своите професионални должности слободно и без притисоци. Сепак, не смееме да дозволиме ранливоста што ја носат системските структурни проблеми – презаситениот, неодржлив и политички поделен медиумски пазар – дополнети со промените што ги носи дигиталната ера, да остане нерешена и да зависиме од политичката волја на оваа или која било идна власт.

Затоа бараме процесот на медиумски реформи, за кој толку разговаравме и за кој постои општа согласност дека е потребен, да не заврши само со промена на луѓето што седат во регулаторното тело и во советот на јавниот радиодифузен сервис, и на одлуката сегашната неодржлива состојба да ја одржуваме со јавни пари.

Реформите ќе мора да ја разгледаат одново поставеноста и надлежностите на регулаторното тело, позицијата и финансирањето на јавниот радиодифузен сервис, како и состојбата во комерцијалната радиодифузија и во печатените медиуми. Реформите, што е видливо од глобалните трендови, најверојатно ќе имаат страшна цена изразена во загуба на новинарски работни места и затварање на голем број традиционални медиуми. Поради тоа фокусот мора да биде на зачување на новинарството и информирањето во интерес на јавноста, наспроти инстинктот да чуваме новинарски работни места.

Воедно, новинарите не треба да се плашат од новите трендови и предизвици. Напротив, тие треба да ја прифатат дигиталната ера како предност и богатство и први да бараат расчистување на медиумската сцена од говорот на омраза, лажните евсти, сопственици и рекетари кои работат во корист на политичките и економски центри на моќ.

Центарот за развој на медиуми потсетува дека овогодинешната тема на ООН за одбележување на Светскиот ден на слободата на медиумите е „Медиумите за демократијата: Новинарството и изборите во време на дезинформација“.

„Изборите претставуваат тест на политичката посветеност на демократијата, во услови кога импулсот да се манипулира со медиумите и да се контролира информирањето е најсилен кај владеачките партии о нивните кандидати за јавни функции“, вели претседателот на Меѓународната федерација на новинарите Филип Лерут. „Пречесто, новинарите се подложени на жесток и непотребен притисок и бараме од сите влади да превземат соодветни специфични мерки за да обезбедат дека новинарите ќе можат слободно да известуваат за изборните процеси.“

Во контекст на Претседателските избори во нашата држава, чиј втор круг на гласање ќе се одржи за два дена, на 5 мај 2019 година, се приклучуваме кон повиците на ООН и на Меѓународната федерација на новинарите и бараме од властите во Република Северна Македонија да им обезбедат на македонските новинари и медиуми услови за безбедно и слободно известување за изборниот процес. Истовремено бараме и од новинарите и медиумите известувањето да го вршат во согласност со професионалните и етичките стандарди на новинарската професија“, соопштуваат од Центарот за развој на медиуми на новинарите и медиумските работници.

Би можело да ве интересира

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

Орце Костов

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

Орце Костов

Истражување: Над половина медиумски работници имаат потпросечни плати, во онлајн-медиумите секој трет е пријавен со полно работно време

ВМРО ДПМНЕ ќе предложи амандман за ослободување од социјално и здравствено осигурување на медиумските работници

Катерина Ѓуровски