ЦРМ: Владата и Собранието продолжуваат со праксата да ги менуваат медиумските закони по скратена постапка

Од:

„Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), во периодот од  1-ви август до 17-ти октомври  2014 година, следејќи ја примената на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) и Законот за медиуми (ЗМ), ја набљудуваше работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), на Собранието на Република Македонија, на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), како и работата на Македонската радиотелевизија (МРТ).

Владата и Собранието продолжуваат со праксата да ги менуваат медиумските закони, и тоа по скратена постапка и без каква било јавна расправа. За неполни осум месеци, Владата предложи, а Собранието усвои дури четири измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Последните законски измени и дополнувања ѝ овозможуваат на Владата да го има последниот збор во определувањето на максималниот износ за исплата на надоместокот на радиодифузерите за создавање домашна документарна и играна програма.

Наспроти ажурноста во менувањето на Законот, Собранието целосно затаи во спроведувањето на својата законска обврска да го избере составот на програмскиот совет на МРТ, односно Собранието го пречекори законскиот рок и сè уште ги нема избрано членовите на новиот програмскиот совет на јавниот сервис. Со самото тоа целосно го закочи процесот на избор на ново раководство и усвојувањето на нови подзаконски акти важни за функционирањето на МРТ.

Владата, иако вети, не предложи законски измени кои ќе ја гарантираат независноста на финансиското работење на МРТ. Она што особено загрижува е фактот дека не само што нема измени на Законот кои ќе обезбедат целосна финансиска самостојност на МРТ, туку, сè повеќе се зголемува учеството на буџетските средства во финансирањето и работењето на јавниот радиодифузер. За 2015-та, учеството на буџетски средства е планирано да изнесува речиси една третина од вкупните приходи на МРТ, односно 31,3 отсто. Ваквото планирање на буџетот недвосмислено укажува на тоа дека ниту јавниот радиодифузен сервис, ниту Владата, немаат намера да изградат модел на целосна програмска и финансиска независност и самостојност на јавниот радиодифузен сервис. Истовремено, МРТ планира од радиодифузната такса да инкасира дури 124 милиони денари помалку од лани.  Оваа тенденција е проблематична, бидејќи радиодифузната такса е во суштина најважната основа за финансирање на МРТ и обезбедување нејзина целосна самостојност и независност во работењето.

Што се однесува до АВМУ, во периодот на мониторинг, беше донесен Деловникот за работа и беше избран директор на Агенцијата – Зоран Трајчевски. Советот на АВМУ, при усвојувањето на Деловникот, не прифати некои од клучните предлози на ЦРМ за подобрување на транспарентноста на финансиското работење на АВМУ и за ограничување на овластувањата на директорот. АВМУ продолжува со практиката да усвојува подзаконски акти од организациска природа без притоа да ја почитува законската обврска за нивно претходно објавување на интернет страницата и оставање простор за јавна расправа. Наспроти мислењето на некои од советниците дека не е потребна јавна расправа за акти од организациска природа, ЦРМ смета дека актите што се однесуваат на правата и обврските на членовите на Советот, кои се именувани функционери, би требало да подлежат на поголема контрола од јавноста.

Исто така, АВМУ продолжува со нетранспарентното орочување средства. Јавноста нема информации за тоа колку средства орочува Агенцијата, во која банка и по која каматна стапка, како и за тоа колкав ќе биде приходот на АВМУ од орочените средства. Според ЦРМ, праксата на орочување финансиски средства од страна на едно независно, самостојно и непрофитно регулаторно тело е крајно проблематична и неетичка.

ЦРМ овој мониторинг го спроведува во рамките на Програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија, Проект за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера. Комплетниот извештај од мониторингот може да го прочитате на интернет страницата на Центарот за развој на медиуми: www.mdc.org.mk“, се вели во соопштението на ЦРМ.

Би можело да ве интересира

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

А1он

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

Орце Костов

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

Орце Костов

Истражување: Над половина медиумски работници имаат потпросечни плати, во онлајн-медиумите секој трет е пријавен со полно работно време