„Со нелегалното прислушување на десетици илјади граѓани и новинари во државата, целосно се погазени основните човекови права и слободи – слободата на изразување, правото на приватност, слободата на медиумите.
Затоа, Центарoт за развој на медиуми (ЦРМ) инсистира на неотповиклива оставка на претседателот на Владата, Никола Груевски, на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.
Тие сносат одговорност за повеќегодишното нелегално следење на комуникациите на граѓаните во Република Македонија, независно од тоа кој го правел прислушувањето.
Како што објави опозицијата, меѓу прислушуваните граѓани се наоѓаат и повеќе од 100 новинари. За ваквото кршење на човековите права и на приватноста на новинарите, но и на другите граѓани кои се опфатени со незаконското прислушување треба да одговараат и сите други инволвирани поединци и институции.
Истовремено, објавените разговори ја открија и мрачната вистина на македонската медиумска сцена дека владини службеници имаат директна или имплицитна контрола врз поголемиот број медиуми, вклучително и врз јавниот радиодифузен сервис. Владини службеници ја дефинираат уредувачката политика, ја играат улогата на главни и одговорни уредници, се однесуваат како цензори, a секој новинар кој мисли или работи поинаку може да очекува дека ќе „лета“ од работното место.
Уште повеќе, се потврди и фактот дека голем број провладини медиуми се финансирани директно од Владата под превезот на медиумски кампањи, а во определени ситуации како посредници се јавуваат дури и регулаторните тела како на пример, Агенцијата за електронски комуникации.
Објавените разговори покажуваат дека и од другата, медиумската страна, имале партнери кои ја прифатиле таквата состојба. Медиумските работници, мора да направат јасна разлика меѓу новинарството и пропагандата.
Ваквата меѓусебна спрега на власта со регулаторните тела, со медиумите и со нивните сопственици мора да запре и да се искорени. Медиумската заедница во Македонија мора да го започне, но и да инсистира на обмислување и градење медиумски систем кој никогаш повеќе нема да дозволи новинарството да биде заменето со пропаганда и манипулации односно систем кој ќе обезбеди слобода на медиумите и слобода на информирањето“, се вели во соопштението на Центарот за развој на медиуми.