Поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, кој утрово беше да се пријави во судот, на прашање на „Макфакс“ во врска со настанот во Струмица, рече дека станува збор за конструкција.
На прашањето што се случило во Струмица, Чавков одговори со еден збор, „конструкција“, по што влезе во возилото и замина.
Станува збор за случајот кој викендов го потврди и министерството за внатрешни работи, во кој струмичанец пријавил дека бил нападнат од четири лица, со кои бил и поранешниот министер за внатрешни работи, во ресторанот „Подготски ан“, кај селото Габрово.
„Тие го удирале со раце во пределот на главата и грбот и побарале да им ја каже лозинката на телефонот. По кратко време, од летната тераса на објектот го внеле внатре и потворно му се заканувале и го удирале. Откако им ја кажал лозинката го пуштиле да излезе надвор, а набргу потоа си заминале. Пред да заминат, кај В.С. дошол и М.Ч., кој седел на истата маса со напаѓачите, и го прашал што има против него“, соопшти МВР за овој случај.
Васко Маглешов