ЦГК: Најмногу институции со „ограничено“ ниво на транспарентност во јавните набавки

Од:

Министерствата, владините секретаријати и Собранието просечно исполнуваат 55,2 проценти од критериумите за транспарентност, отчетност и интегритет во целиот циклус на јавните набавки. Ова е мало подобрување во однос на претходните години, во 2017 година изнесуваше 53,6 проценти, а во 2016 година 51,7 проценти.

Тоа го покажува најновото рангирање на 21 институција, според транспарентноста, отчетноста и интегритетот во јавните набавки, што го објави денеска Центарот за граѓански комуникации. Станува збор за анализа за 2018 година која е трето годишно истражување на начинот на којшто институциите ги спроведуваат тендерите, во рамките на ЕУ проектот: Мрежа за транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки.

Најмногу институции се рангирани во „ограниченото“ ниво на транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки, со исполнување на критериумите меѓу 40 проценти и 60 проценти. На врвот се министерствата за економија и за одбрана, а на дното министерствата за здравство и за образование и наука.

– Анализираните институции заедно потрошиле 124 милиони евра за јавни набавки во 2018 година. Поединечно, најмногу пари за јавни набавки потрошила институцијата која е најслабо рангирана, Министерството за здравство (39 милиони евра), додека, пак, Министерство за економија, како прворангирана, е во групата на институции со помал обем на јавни набавки (334.000 евра). Институциите со минимално ниво на транспарентност, отчетност и интегритет во 2018 година потрошиле 31 процент од парите, наспроти 2016 година, кога тој удел изнесувал дури 75 проценти од вредноста на тендерите на Владата и на Собранието, стои во анализата.

Според истражувањето, 86 проценти од институциите го објавуваат годишниот план за јавни набавки на своите веб-страници, само половина ги објавуваат огласите за јавните набавки, а само две ги објавуваат известувањата за склучените договори. Плановите за јавни набавки просечно се реализираат 65 проценти. Најниската реализација на една институција изнесува 32 проценти, а највисоката 92 проценти.

Само четири институции, според истражувањето, просечно добивале повеќе понуди по тендер отколку националниот просек. Во дури 68 проценти од набавките, институциите определиле т.н. разумни рокови за поднесување понуди, односно подолги од законски минималните. Пораснала концентрацијата на фирмите на тендерите. Кај дури пет институции, уделот на еден носител на набавка во вкупната вредност на тендерите е повисок од 40 проценти, што се смета како праг за концентрација.

– Процентот на тендерски документации со дискриминаторски елементи кои можат да ја ограничат конкуренцијата е намален од 29 проценти во претходните две години на 18 проценти во 2018 година. Секој трет тендер на анализираните институции бил поништен. За разлика од ланските 25 проценти, за 2018 година процентот на поништени тендери изнесува 30,3 проценти. Поединечно, процентите се движат меѓу 10 проценти и 73 проценти, се наведува во истражувањето.

Како што се дополнува, намалено е користењето на постапката со преговарање без објавување оглас. Зголемен е просечниот удел на доставени жалби од фирмите во вкупниот број огласи кај анализираните институции. Овој удел изнесува 5,7 проценти, што е повисоко од националниот просек за 2018 година од 3,3 проценти и од ланските 4,6 проценти.

Истражувањето покажало дека се влошува одговарањето на институциите на доставените барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. Лани одговориле просечно за 38 дена, годинава за 42, иако максималниот законски рок е 30 дена. Констатирано е и дека малку институции имаат интерни правила за јавните набавки, особено за оние аспекти кои не се прецизно регулирани со законот.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година